Анета Додевска, 24 Вести: Дали ВМРО ДПМНЕ ќе биде решителна и за законот за бранители, како за буџетот?
Донесувањето на Буџетот во законските рокови ќе обезбеди “мирен“ старт на новата буџетска година, но исто така недонесувањето на Буџетот нема да значи ниту стопирање на платите,пензии, социјални трансфери затоа што кај “временото финасирање“ приоритетни за исплата се токму овие ставки.
Дефинитивно, Буџетот за 2013та ги става на тест демократијата, легитимноста и почитувањето на законите токму од оние што ги кројат и усвојуваат. Изгласување на буџет на “мускули“ не само што ќе го суспендира легитимитетот на законските правила и прописи во собранието, туку ќе отвори серија други прашања – на пример дали Власта на “мускули“ ќе се обиде и да го донесе и Законот за бранители? Зошто за неговото усвојување би чекала процедури и постапки за илјадниците амандмани? Каква порака ќе се испрати на меѓународната зедница? На инвеститорите? И на крајот, дали Буџетот за 2013 ќе биде увертира за една нова политичка криза?
Ако владеачкото мнозинство ја реализира најавата дека по секоја цена Новата Година ќе почне со нов Буџет – тогаш одговорите на сите овие прашања нема да навестат политички “мирна “ 2013 та. Тоа, во време кога Македонија каска во евроатлантските интеграции, ќе биде нов удар на оваа наша, толку посакувана, а толку неостварлива амбиција. Но, таа нема само емотивен, туку има пред се економски карактер, што можеше оваа година да се види и по бројот на инвестициите.
За економската димензија – нема дилема, континиуран пораст на задолжувања дома и во странство, камати, отплати, зголемен буџетски дефицит од 3,5 отсто, долгови кон фирми, договорени, а неисплатени зделки, се ова се прашања што заслужуваат – дебата.
И да е точно дека во времето на оваа владеачка постава јавниот долг е помал отколку во времето на СДСМ, тоа не ја амнестира власта без силна контрола и отчетност да ги троши буџетските пари. Секое бегство од дебата, па дури и ако таа се нарече “блокада“ – е бегство од демократијата, од обврската јасно и јавно да се каже кој, колку и зашто ја задолжува економијата.
Анета Додевска, 24 Вести
Фактор ќе ви ги претстави различните мислења на дел од македонските новинари во однос на случувањата околу Буџетот. За Фактор, пишуваат новинарските пера од повеќе македонски медиуми, секој со свој став за она што деновиве се случува во Собранието. Разноликоста на перцепциите и предвидувањата носат интересен поглед, а можеби и интересни солуции за излез од пат позицијата во која заглавија власта и опозицијата. Не мора да значи дека ставовите на новинарите ја одразуваат уредувачката политика на Фактор, но и сега и во иднина ќе правиме се овие ставови да бидат достапни за нашата читателската публика, како придонес во развојот на економската дебата.
Слично
