Андреја Јосифовски плати 45.000 евра за 150 акции во „Макпетрол“ за два месеци. Зошто?
Претседателот на Управниот одбор на „Макпетрол“ во период од два месеци, од средината на ноември до сега плати околу 45.000 евра за акции во компанијата што ја води и тоа во услови кога таа бележи загуби од работење во континуитет. Во тој период Јосифовски купи 30 отсто од сите истргувани акции. Дали ја штити цената со тоа што купува или сака да остави позитивен впечаток и да подигне својот углед кај вработените особено кај пумпашите?
Андреја Јосифовски, претседателот на Управниот одбор на „Макпетрол“ купи 50 акции со право на глас во компанијата што ја поседува, официјално објави „Макпетрол“ на интернет страницата на „Македонската берза за хартии од вредност“. Според просечната пазарна цена на таа акција во периодот од 17 декември до 15 јануари Јосифовски платил околу 14.500 евра за тие 50 акции. Јосифовски и во претходиот период од триесет дена (од средината на ноември до средината на декември) објави дека купил 100 акции со право на глас во „Макпетрол“, што значи дека во фирмата што ја води вложил во кеш околу 45.000 евра за 2 месеци! И тоа во период кога на фирмата што ја предводи во континуитет не и оди и книжи загуби во своето работење кои во најголема мерка се резултат на големите расходи за камати заради кредитната изложеност (според финансиските биланси), а според менаџментот заради нелојална конкуренција и заради некорекна политика на Регулаторната комисија за енергетика спрема „Макпетрол“ како најголем дистрибутер и продавач на мало на нафтени деривати.
Анализата на податоците од берзата покажува дека Јосифовски во периодот од последните 30 денари купил 16,6 отсто од сите акции што се тргувале во овој период. Ова покажува дека Јосифовски во овој период бил клучниот провајдер на ликвидност на таа акција затоа што бил најсериозниот купувач со што во голема мерка овозможил одржување на просечната дневна цена на ниво од околу 18.000 денари со тоа што со откупил 50 акции од вкупно истргуваните 301 акција во овој период. Просечната пазарна цена на таа акција во овој период изнесува околу 17.814 денари добиена како збир на просечните дневни цени поделена со 14 трговски дена колку што имало тргување со таа акција во периодот 17 декември 2015 година до 15 јануари 2016 година.
Во претходниот триесет дневен период учеството на Јосифовски во вкупното тргување со таа акција било уште поголемо. Тогаш од истргувани 213 акции Јосифоски купил безмалку половина односно 100 акции со право на глас.
Најголем акционер во „Макпетрол“ е неговата фирма ќерка ОИЛКО специјализиран за транспорт на нафтени деривати во која пак Јосифовски е втор по големина акционер.
Р.Ф.
Слично
