Андреја Јосифовски ќе земе над 67.000 евра дивиденда од „ОИЛКО“
„Макпетрол“ како најголем акционер во командитното друштво ќе земе 174.000 евра дивиденда
ОИЛКО, транспортната компанија за превоз на нафтени деривати, ќе подели 30,11 милиони денари (безмалку 500.000 евра) дивиденда, од својата акумулирана добивка, вака одлучиле акционерите на компанијата во саботата на акционерското собрание.
Бруто износот на добивка по акција е 120 денари, а „ОИЛКО“ има вкупно 63 акционери – меѓу кои едно правно лице – „Макпетрол“ и уште 62 домашни физички лица.
Најголемиот акционер „Макпетрол“ како сопственик на 35,6 отсто од акциите ќе добие 174.000 евра дивиденда. Вториот по големина акционер Андреја Јосифовски ќе добие над 67.000 евра дивиденда како сопственик на 14,94 отсто од акциите во компанијата. Останатите 61 акционер ќе поделат 15,5 милиони денари од добивката (во бруто износ).
На ова акционерско собрание сопствениците одлучиле добивката од работењето во 2013 година на „ОИЛКО“ во износ од 18,9 милиони денари да биде распределена во: задолжителни резерви во износ од 0,94 милиони денари и во нераспределена добивка 17,96 милиони денари.
„ОИЛКО“ е единственото командитно друштво во земјава. Основано од „Макпетрол“ и од физички лица вработени во таа најголема македонска компанија за малопродажба на нафтени деривати. Комплементатори во „ОИЛКО“ се Андреја Јосифовски кој воедно е и претседател на Управниот одбор на „Макпетрол“ и Саша Лекиќ, член на Управниот одбор на „Макпетрол“.
„ОИЛКО“ е основана во 2007 година и од тогаш досега најголем обем од своите деловни операции извршува за потребите на „Макпетрол“. Според официјалните податоци на нивната интернет страница „ОИЛКО“ во својот возен парк располага со 89 транспортни возила од кои најголем дел се автоцистерни наменети за превоз на нафтени деривати од различни видови.
Во 2013 година оваа компанија остварила оперативни приходи од 415 милиони денари и оперативни расходи од 391,3 милиони денари. Оперативната добивка е 23,77 милиони денари, а нето добивката е 18,9 милиони денари.
Во истиот период „Макпетрол“ компанија која дава најголем дел од работните ангажмани на „ОИЛКО“ има загуба од 3,3 милиони евра.
Слично
