Андоновски: „Везилка“ претставува нова национална инфраструктура за знаење, иновации и технолошки развој
Со проектот „Везилка“ денеска почнува долгорочен процес што ќе остави траен белег врз македонската економија, науката и општеството, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на промоцијата на Националната фабрика за вештачка интелигенција.
„Нашата цел е јасна – да изградиме Македонија која нема само да ја следи технолошката иднина, туку активно ќе учествува во нејзиното создавање“, рече Андоновски.
Проектот, вреден шест милиони евра, е една од најзначајните инвестиции во националните капацитети за развој на вештачка интелигенција. Тој е избран за финансирање преку програмата „Хоризонт Европа“ и иницијативата EuroHPC, како дел од европската мрежа на AI Factory Antennas. Носител на проектот е Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, додека Министерството за дигитална трансформација е главен институционален партнер.
Според министерот, „Везилка“ претставува нова национална инфраструктура за знаење, иновации и технолошки развој.
Тој нагласи дека преку проектот Македонија ќе добие директен пристап до европски суперкомпјутери, напредни податочни простори и современи алатки за развој и тестирање на модели на вештачка интелигенција. Со тоа, домашните истражувачи, стартапи, компании и институции ќе можат да користат инфраструктура што досега била достапна само за најразвиените европски центри.
Андоновски истакна дека проектот е насочен кон области кои имаат директно влијание врз квалитетот на животот на граѓаните, како што се здравството, енергетиката, земјоделството, јазикот и културата.
Акцент е ставен на развојот на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик.
„Во ерата на вештачката интелигенција, дигиталното присуство на македонскиот јазик станува прашање на зачувување на културниот идентитет. Нашата цел е македонскиот јазик да биде рамноправно присутен во идните генерации на системи со вештачка интелигенција“, нагласи министерот.
Тој додаде дека придобивките од „Везилка“ нема да се ограничат само на економскиот развој и научните истражувања, туку ќе придонесат и за поефикасно функционирање на институциите.
Според него, визијата е вештачката интелигенција да стане алатка за поголема транспарентност, подобро планирање и поквалитетни јавни услуги, со што институциите ќе носат одлуки врз основа на податоци и факти, а граѓаните ќе добиваат побрзи и поефикасни услуги.
Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека „Везилка“ е почеток на процес што ќе придонесе за посилна наука, подобра економија и поголеми можности за младите.
фото Влада
