Економија, финансии, бизнис

Контакт

Анализите во Германија ќе покажат дали Британецот имал ебола

Анализите во Германија ќе покажат дали Британецот имал ебола
Здравствените власти испратија материјал во меѓународно призната референтна лабораторија во Германија за да испитаат дали пациентот кој почина попладнево на Инфективната клиника во Скопје бил заболен од опасниот вирус ебола. Британскиот државјанин бил примен на Клиниката околу 15 часот попладнево, со тешка и брзо прогресирачка клиничка слика од хотелот каде што престојувал. И покрај преземените медицински мерки, починал за час и половина од хоспитализирање. Според д-р Јованка Костовска од Институтот за јавно здравје, пациентот во земјава престојувал од 2 октомври, а допатувал директно од Велика Британија. Првичните податоци биле дека претходно бил во Нигерија, но подоцна неговиот пријател, кој исто така е под надзор на Инфективната клиника, тврдел дека не биле во ниту една земја која се смета за ризична заради вирусот на ебола. Пациентот во изминатите три дена се жалел на стомачни тегоби и одбивал храна, но не побарал лекарска помош. На клиниката бил третиран со благо покачена телесна температура, но и со брза и тешка клиничка слика, повраќање, внатрешно крварење, а тоа се симптоми кои сугерираат и на ебола или друг тип на хеморагична треска. „Согласно протоколите, при појава на вакви симптоми се преземаат сите мерки како да се работи за високо ризична болест. Испративме материјал во референтна меѓународна лабораторија. Има големи шанси да не е ебола, но ние работиме по сите стандарди“, вели Костовска. Хотелот во кој престојувал починатиот е изолиран и претворен во карантин, а во него под надзор се сите вработени и гости кои биле во контакт со заболениот. Затворена е и Клиниката за инфективни болести, која се дезинфицира, а под надзор ќе биде и медицинскиот персонал што го третирал пациентот се додека не се добијат официјални резултати. „Препорака за граѓаните - еболата не се шири преку воздух. Таа е тешко и опасно заболување, но се шири само во директен контакт со заболен. Македонија не е земја со голем број случаи на ебола. И ако се докаже дека ова е таков случај, во ризик се лицата кои биле во директен контакт со него, а за останатите нема опасност“, додава д-р Костовска.
Слично

Поврзани вести