Анализа со Пенчова: Кина ќе ги зајакнува односите со ЕУ и САД, тоа е голема можност и за Македонија
Каков е погледот од Пекинг кон „Трамп 2.0“, енергетските кризи и европските дилеми за соработка или ривалство со Кина, додека трансатлантското партнерство е разнишано. Дали тоа за Македонија претставува можност или пак надворешнополитички ризик кој Брисел и Вашингтон нема да го простат, додека земјата се утврдува како партнер во НАТО и се обидува да го заокружи интегрирањето во Европската Унија.
За овие теми, како и улогата на Кина на Блискиот Исток по блокадата на Ормутскиот Теснец и војната на САД и Израел против Иран, разговараме со Рената Пенчова, која предаваше македонски јазик на Школата за европски јазици и култура на Универзитетот за надворешни студии во Пекинг, а сега работи на македонско-кинески иницијативи. Во фокусот на анализата е потребата за стратешки пристап во развојот на односите кој ќе обезбеди рамноправност и реципроцитет во односите.
Додека секојдневно сме бомбардирани со информации за геополитички промени кои се случуваат со неверојатна брзина од западен агол, сосема малку имаме увид како овие теми се коментирани и перцепирани во Кина, несомнено една од новите големи светски сили. Какво е расположението во кинеското општество во поглед на геополитичката неизвесност, особено по трговските војни со царините на Трамп и новата енергетска криза која е на прагот?
Пенчова: Живееме во мултиполарен свет и во период на една драматична нестабилност, па затоа неопходно е да се воспостави баланс на мултиполарниот ред и трансформацијата на моќ. Геополитичката неизвесност ја наметнува потребата за редефинирање и промени. Во вакви услови станува јасно дека сегашните механизми, вклучително и Обединетите Нации, имаат потреба од реформи и адаптација за поефикасно справување со новите предизвици. За да помине успешно тој процес, потребна е силна мултилатерална соработка во интернационалните организации и почитување на меѓународното право. Овие промени и предизвици се чувствуваат насекаде низ светот и на истите реагира и кинеското општество. Кинезите не ја доживуваат неизвесноста како закана, туку како можност за редефинирање на глобалното уредување, и тие веруваат во нивната визија и се залагаат за мирно решавање на предизвиците.
Дел од кинеските аналитичари сметаат дека светот влегува во период налик на нова Студена војна, сценарио во кое Кина не сака да учествува. Регионалните конфликти влијаат на глобалната безбедност и развојот на економијата. Кога има воена жаришта низ светот, економската стабилност е тешко одржлива. Ако нестабилноста продолжи на Блискиот Исток, може да доведе до подолга енергетска криза.
Во однос на трговските војни и царините со САД, во кинеската јавност преовладува ставот дека добро се справиле со предизвиците. Кина беше подобро подготвена за вториот мандат на претседателот Трамп отколку во 2018 година. Кинезите го насочуваат фокусот на трговија со земјите од глобалниот југ. Со своето технолошко водство во обновливите извори на енергија, напредното производство и батериите, Кина е во одлична позиција да ја предводи трансформацијата на енергија низ глобалниот југ. Се нагласува дека Пекинг е помалку зависен од извозот и е поразновиден во однос на трговските партнери отколку во 2018 година.
Тие покажаа силна отпорност, дури и во условите на трговски тензии, тие го пренасочија фокусот од индустриски модел кон технолошки модел. Притисокот од сегашните царини на САД влијаат на кинескиот извоз, кој претходно беше проценет околу 525 милијарди долари. Иако значително се намали извозот кон САД, Веи Џиангуо, поранешниот заменик министер за трговија, потенцираше дека извозот кон земјите од иницијативата „Појас и пат“ се зголемил од 38,7 проценти на 47,8 проценти. Кина се потпира на своите клучни предности – големиот домашен пазар, развиената дигитална економија и напредокот во вештачката интелигенција.
Во овој контекст не може да се одбегне
прашањето за Иран и уникатниот потег на Пекинг за првпат да испрати специјален
претставник на Блискиот Исток. Ваквото вклучување на Кина за доследност во
енергетската безбедност и снабдување со енергенти практично ретко кога е
видено. Што значи тоа за Кина и нејзината надворешна политика но, и останатите
актери?
Пенчова: Доколку енергетската криза продолжи, може да има значителни
последици за кинеската економија затоа што 50% од нафтата што ја увезува Кина
поминува низ Ормутскиот Теснец, иако нејзиното снабдување со енергија одамна е
распределено за да се избегне критична зависност од кој било единствен извор.
Кина се залага за дипломатско решавање на конфликтот на Блискиот Исток. Од трговски партнер со земјите од Блискиот Исток, Кина по конфликтот се фокусираше во улога на стратешки посредник. Испраќањето специјален претставник претставува значаен чекор и сигнализира поактивна и поангажирана надворешна политика што всушност им овозможи и по затворањето на теснецот некои кинески бродови успешно да поминат. Преку разговорите на кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, со шефот на европската дипломатија, Каја Калас, и германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, се апелира за заеднички напори и брзо завршување на воениот конфликт. Калас ја пофали иницијативата на Кина и укажа дека ги поддржува хуманитарните операции предводени од ОН и ЕУ ќе вложи напори за да обезбеди непречена навигација во Ормускиот Теснец. Пекинг укажува дека сите страни треба да работат на градење поширок консензус и да создадат потребни услови за решавање на конфликтот. И тоа треба да се случи преку непристрастен и констуктивен став, за да ги спречат енергетските шокови на глобалниот маркет.
Според изјавите на министерот Ванг Ји, улогата на специјалниот претставник, Жаи Џун, е насочена кон заштита на цивилното население, обезбедување сигурност на поморските рути и спречување напади врз енергетската инфраструктура.
Со својата ограничена, сепак реална зависност од нафтата на Блискиот Исток, Кина се соочува со два предизвика во оваа криза, а тоа е нарушување на производството и нарушување на испораката. Иако зголемената електрификација на возилата ја намалува зависноста, Кина се потпира на нафтата за авионско гориво, превоз, гориво за тешката и петрохемиската индустрија. Ормутскиот Теснец е од витално значење за нафтените коридори во светот. Неодамнешната посета на пакистанската делегација во Пекинг ја започна иницијативата во пет точки за мировен план на Блискиот Исток, каде посредник би била Кина, а тоа е рефлексија на кинеската страна како фактор за стабилност.
Кина има најголема трговија со речиси сите земји од Блискиот Исток, а ова сега е нарушено. Значи, ова е навистина големо изненадување за сите.
САД, па и Западот во целина ја претставуваат Кина како „ривал“ или конкурент. Како Кина се гледа себеси во оваа перцепција, дали постои вистински ангагонизам кон администрацијата на Трамп и европските сојузници и кои се главните политики кои ги презема Кина како одговор?
Пенчова: И покрај зголемените тензии од кинеска страна, САД се перципира како конструктивен конкурент во технологијата, но не нужно како ривал. Кина избегнува директна конфронтација, туку се вложува за соработка со големите економии за добробит на целиот свет. Кинеско-американските односи долг период се во структурна конкуренција, а најважно е да се избегне некаква конфронтација. Конкуренцијата за глобално влијание го надмина опсегот на краткорочните прилагодувања на политиките и еволуира во стратешка игра. Кина ја гледа ЕУ како важен партнер и е подготвена да ја одржува дипломатската комуникација и бизнис соработка и се надева на зацврстување на дијалогот особено во области на заеднички интерес како трговијата, технологијата и климатските промени.
Во реториката на кинеските претставници се нагласува концептот на „win-win“ соработка, односно заемна корист. Кина се стреми да се позиционира како лидер кај земјите во развој и како застапник на мултилатерализмот и глобалната економска стабилност. Кина активно работи на градење на мостови преку различни културни иницијативи и програми. Најавена е програма за едукативни размени на 50 илјади млади Американци во Кина во текот на следните пет години. Особено се посветува внимание на студентите кои студираат вештачка интелигенција, инженерство, биомедицина, компјутерски науки и сл. Тие имаат целосен план за привлекување на странски студенти и нивно прилагодување на кинескиот бизнис за имплементирање на нивното знаење. Целта на Кина е да го усогласи нивниот долгорочен просперитет со одржливоста, односно во изградбата на таканаречената еколошка цивилизација. Владините планови ја третираат енергетската транзиција како прогресивна трансформација, која ќе се одвива со децении и ќе ги адресира социоекономските и еколошките цели.
Во последниот период се чини дека има зголемен интерес на Кина за ширење на меката моќ на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија преку повеќе јавни области. Постои ли јасна стратегија за приближување во земјава и која е главната цел на тие потези?
Пенчова: Односите на Кина со земјите од Централна и Источна Европа и Западен Балкан доживеаја пораст по воспоставувањето на рамката за економска соработка наречена 17+1. Сепак успехот на оваа група беше ограничен затоа што иницијативата се трансформираше во групата 14+1 и нејзиниот развој е во процес. Балканот е дел од копнените и поморски линии на иницијативата „Појас и пат“, Западен Балкан е важен за Кина, пред сѐ поради стратешката локација и би претставувал потенцијална „порта“ кон големиот европски пазар. Кина инвестира и во различни културни програми, образовни стипендии и програми за меѓусебно поврзување на народите. Истите служат за зацврстувањето на соработката меѓу Кина и Македонија и позиционирање на Кина во јавниот дискурс. Воспоставениот безвизен режим за патување во Кина дополнително придонесува за запознавање со кинеската култура и контакти со Кинезите преку споделување на искуства.
За Македонија, Кина претставува значаен партнер од економски аспект, имајќи предвид дека Кина учествува со околу 17% во светската економија. Дополнително кинеските искуства и технологии може да бидат корисни во справувањето со предизвици како климатските промени и загадувањето. Нивните цели се амбициозни и кинеската влада се обврзува на намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 7 до 10 отсто во сите сектори до 2035 година. Кина има јасна стратегија за приближување кон регионот, а за Македонија тоа преставува можност за инфраструктурен и економски развој.
Европската Унија имаше прилично јасен став околу приближувањето до Кина во однос на надворешната и безбедносната политика со која Македонија стана сто отсто усогласена. Но, се чини дека Брисел размислува и за зголемена економска соработка со Кина, особено по наметнатите американски санкции и разнишаната доверба во трансатлантскиот сојуз. Дали овој пресврт во Брисел претставува „сигнал“ за земјите кандидатки за ЕУ за поголема флексибилност, или пак таквото приближување би било преавантуристички потег за македонската надворешна политика, и покрај одредената разочараност од досегашниот процес на пристапување?
Пенчова: Неизвесната состојба со трансатлантските односи ја отвора можноста на Кина да ги зајакнува економските врски и трговијата со Европа. Кина вложува напори во одржувањето и продлабочувањето на билатералните односи со ЕУ.
Неодамнешната посета од пратениците на ЕУ во Кина (прва после осум години) беше можност за понатамошно стабилизирање на врските затегнати од трговските политики и политичката недоверба. Фокусот на овие средби беше ставен на пазарниот пристап, заштитата на потрошувачите и предизвиците во дигиталната и е-трговската сфера, како и на поттикнување фер конкуренција. Тие остварија средби со кинеските регулатори на пазарот, како и со претставници од кинеските компании „Шеин“, „Алибаба“ и „Тему“.
Кинезите се обидуваат кризата да ја претворат во можност и да ја зацврстат соработката со европските земји. Глобалната стратегија на Кина е да балансира, тоа може да се види и во следниот петгодишен план, односно дека во иднина ќе работат на зајакнување на односите со ЕУ и САД, исто така посветено ќе работат и на иницијативата „Појас и пат“ со останатите земји. Конкретни примери за ова кинеско приближување кон ЕУ се зголемените инвестиции (40% проценти од кинеските инвестиции во Европа се во Унгарија), како и интензивните политички контакти и повеќекратните посети на европски лидери (францускиот претседател, канадскиот премиер и германскиот канцелар) во Кина. Шпанскиот премиер, Педро Санчес, по неколку наврати во последните три години повторно ја посети на Кина. Ова ги забрза инвестициите во Шпанија, односно со инвестиции од 1 милијарда долари само во 2024 година.
За земјите кандидатки како Македонија, клучен приоритет е спроведување на реформите, владеење на правото, борбата против корупција, независноста на судството, управување и јакнење на институциите. Европската Унија сè појасно го користи процесот на проширување како стратешка и трансформативна алатка на Балканот што би се толкувало дека просторот е ограничен. Иако пристапот на Македонија треба да биде балансиран и усогласен со ЕУ, треба да се искористат економските можности што ги нуди соработката со Кина. Актуелните потези на Брисел претставуваат прагматично отворање кон Западен Балкан. Пекинг се надева на заедничка соработка со европските земји за градење на просперитетна иднина за човештвото, а Македонија треба да ги искористи овие можности и да се посвети на економскиот развој за остварување на конкретни придобивки.
Х.С.