Анализа со Крстиновска: Може ли Кина да биде баланс за американскиот притисок врз Европа?
Дали сме сведоци на геостратешки пресврт и промена на традиционалното сојузништво меѓу САД и Европа. Реториката на американските врвни функционери сериозно го потресе Брисел, а европските лидери многу поактивно се заложуваат за унапредување на одбранбените и технолошките капацитети на Европа. Тука Кина може да биде нов партнер, па дури и дел од американските конзервативци се загрижени дека односот на САД кон европските земји ќе ја втурне Европа во партнерство со нивниот најголем ривал.

За овие теми анализираме со Ана Крстиновска, основач и претседателка на тинк-тенк организацијата Естима, специјалист за надворешна политика и интеграција во ЕУ, со фокус на односите меѓу Кина, ЕУ и Западен Балкан, истражувач и автор на бројни публикации. Таа смета дека несигурноста во трансатлантските односи секако дека е двигател на повеќе активности во ЕУ во текот на последната година, особено кога станува збор за барање нови партнери за соработка.
Ако пред неколку години ја анализиравме европската политика кон Кина, ќе погледневме реакции од типот реципроцитет на инвестициите, поголема прудентност на земјите членки во склучените инфраструктурни проекти и земени кредити и зголемување на царините во критични економски гранки, како на пример електричните возила преку механизмите воведени во 2024 година. Секако, тука беше и вообичаената реторика во надворешната и безбедносната политика за „кинеското влијание“ во ЕУ и дел од земјите кандидатки за членство. Но, дали Брисел останува конзистентен по овие прашања денес?
Крстиновска: Во основа стратегијата на ЕУ кон Кина од 2019 година, олицетворена преку тројниот пристап - партнер за соработка во некои области, конкурент, и системски ривал на други полиња - останува валидна до денес. Додека и ЕУ и државите членки се обидуваат да извојуваат некои придобивки за сопствените компании и да го „израмнат теренот за игра“, останува силната недоверба кон економскиот пристап на Кина, мотивациите и механизмите со кои Кина ја продлабочува зависноста и негативно влијае врз европската економија. Таа недоверба дополнително се продлабочува со тоа што Кина продолжува да ѝ помага на Русија да ја одржува војната во Украина.
По новото нормално кое го наметна американскиот претседател Трамп, како на пример зголемувањето на царините за европските земји, притисокот за побрзо решение на војната во Украина, заканите за преземање на Гренланд и сомнежите во функционалноста на трансатлантското сојузништво, дали Европа и Брисел размислуваат за прагматична промена на односите со Кина и какви би биле тие новитети? Дали посетите на европските лидери на Пекинг во почетокот на 2026 година се обид за стратешки баланс со цел да се амортизира економскиот притисок од САД и да се осигура пристапот до кинескиот пазар како компензација за можните загуби на американскиот пазар?
Крстиновска: Напорите за диверзификација и јакнење на економскиот суверентитет се всушност третиот столб на стратегијата на ЕУ за економска безбедност усвоена во јуни 2023 година, долго пред да започне вториот мандат на претседателот Трамп. Таа стратегија е пред сè одговор на економската зависност од Кина и обидите на Кина да ја искористи економската ранливост на ЕУ за политички цели, за да влијае врз надворешната политика на ЕУ и државите членки.
Економската присилба на Кина кон Литванија од 2021 година послужи како повод за формализирање на таа стратегија, иако постојат и други примери – и причини зошто ЕУ сака да ја намали зависноста – и преку тоа ризиците од економска соработка со Кина. Во тој контекст, секако дека ЕУ ќе продолжи да соработува со Кина, но веќе има рамка на инструменти кои имаат за цел да спречат таа соработка на долг рок да е на сопствена штета.
Постои и сè повисоко ниво на свесност дека компензација за односите со САД не може да се бара во Кина. Напротив, преку договори за соработка со трети држави – како што се Индија. Мексико, Канада, МЕРКОСУР, Индонезија итн. ЕУ работи на диверзификација, односно се обидува да ја намали зависноста и од САД и од Кина.
Во Македонија се создава една атмосфера дека по секоја цена треба да се избегнува отворено дипломатско и економско партнерство или приближување со Кина поради усогласеноста со политиките на стратешките партнери (Вашингтон и Брисел), но несомнено е дека има одреден пробив на меката кинеска моќ. Се говореше и за позадината на „унгарската милијарда“ и можните врски со кинески банки преку Унгарија како партнер, што во одредена форма стигна и во извештајот на Европската комисија за 2025 година. Но, и натаму нема ништо спектакуларно спорно за некаква дипломатска реакција или реприман за македонската држава. Дали во овој контекст има одредено западно лицемерие во однос на „прудентноста“ на позициите кон Кина кои Македонија ги запазува многу поригорозно отколку некои европски земји кои се и ЕУ и НАТО членки?
Крстиновска: Западните држави се обидуваат да издејствуваат поголем пристап до кинескиот пазар и подобри позиции за сопствените компании, а од друга страна да го ограничат влезот на кинески капитал во чувствителни и критични сектори или преземањето на западни технологии од страна на кинески компании. За таа цел развиваат сеопфатни стратегии и различни инструменти за управување со ризици.
Ние сме на почеток и сè уште далеку од таков јасен и стратешки пристап. Сè уште немаме доволно ниво на разбирање и иницијатива за да искористиме некакви можности, а да ги избегнеме ризиците поврзани со соработката со Кина. Во таа насока доаѓаат и препораките за градење отпорност од партнерите во НАТО и ЕУ. Затоа и се чини дека дел од нашите позиции се „поригорозни“.
Без соодветна рамка и инструменти во различни области најчесто или не се решаваме на соработка или имаме поединечни иницијативи за соработка кои не ги унапредуваат нашите интереси – напротив само создаваат ризици.
Како би ја оцениле македонската надворешна политика во овој триаголник на интереси и дали успеваме максимално да ги „искористиме“ геополитичките прилики и да ги избегнеме можните ризици кои би дошле доколку навреме не се препознае „накаде дува ветрот“, за подобрување на македонските меѓународни позиции и економските можности?
Крстиновска: Македонија секако дека има право на економска соработка со Кина и притоа треба да се води од сопствените интереси. Нашите интереси се состојат во тоа да извезуваме повеќе на кинескиот пазар и да привлечеме инвестиции кои би ни овозможиле технолошки трансфер.
Но, за жал дури и во периодиот пред нагласената геополитичка поларизација – и тука мислам на периодот до почетокот на пандемијата, кога немавме никаков притисок да не соработуваме толку интензивно со Кина, ние не успеавме да ги оствариме сопствените интереси во соработката.
Меѓусебните односи се толку асиметрични и секогаш Кина е таа што доминира и наметнува соработка според нејзините интереси. Тоа низ годините доведе до постепено но претерано зголемување на трговскиот дефицит, кинески инвестиции под 1% од вкупната вредност на странски директни инвестиции и единствено интерес на кинеските компании за учество на тендери каде што можат, благодарение на субвенциите кои ги добиваат, да ги елиминираат сите други компании кои работат според пазарни услови.
Паралелно со тоа, за жал, немаме ни стратегија ни некој посебен успех во создавање на нови можности поврзани со глобалните превирања, како што би било на пример привлекување на инвестиции од компании кои размислуваат за ре-локација од Кина или други далечни дестинации.
Дали во последните години се изградија соодветни капацитети и институционални насоки за тоа како да се пристапува во односите со „ривалите“ на нашите стратешки партнери, пред сè со Кина (вклучително и механизмите за скрининг на странски инвестиции), и колку секое „скршнување“ од зацртаниот курс реално ја „чини“ Македонија во очите на Вашингтон и Брисел?
Крстиновска: Во последните години имаме некој напредок во јакнење на капацитетите на институциите и свесноста, но тоа е на почеток и сè уште не е преточено во јасни насоки и одржливи политики. Механизмот за скрининг на странски инвестиции е нешто што се планира веќе неколку години, но тоа е само една алатка која нема да ги реши нашите дилеми.
Според мене усогласување со Регулативата за скрининг на субвенции во јавните набавки е нешто што е исто толку потребно, имајќи предвид кои се кинеските интереси во државата во последните години – тендери, а не инвестиции.
Можеби уште поважно за да ги подобриме економските можности е да се размислува за позитивна агенда, а не само на намалување на ризиците, односно паралелно со тие алатки треба да се работи на јакнење на конкурентноста и поддршка за домашните компании, како и промовирање на подлабока соработка со други партнери, односно поголема диверзификација.
Кога се говори за „алтернативи“ и можни промени во надворешно-безбедносните политики, барем на лаичко ниво ретко се помислува на можните ризици, како и на веќе видливите искуства на земји кои поминаа низ должнички кризи по преземените обврски. Иако можеби не постои јасно изразена подготвеност на македонската надворешна политика за таква промена на курсот, тогаш барем за дел од јавноста која тоа скриено или срамежливо го посакува, што реално би значела таквата алтернатива за македонската држава и дали евроатлантската интеграција и натаму е најдобриот курс за Македонија?
Крстиновска: Не мислам дека постои широко-распространета и вистинска свесност кај јавноста за ризиците од соработката со Кина кај нас. Кина неретко се перцепира како „алтруистички“ партнер кој сака само да ни помогне, за разлика од ЕУ или западните држави кои се поврзуваат со “лицемерие“ или двојни стандарди. Тоа секако се должи донекаде на сите предизвици во евроинтегративниот процес, но и на силната кинеска пропаганда од една страна и недостатокот на локални и објективни извори на знаење кои би поттикнале информирана дебата.
Реалноста е дека кинеските политики во Македонија се водат исклучиво од кинески интереси кои неретко се спротивни на нашите интереси и вредности. Од друга страна нашата економија е премногу поврзана со европската, се стремиме кон истите демократски вредности, ги споделуваме истите стратешки и безбедносни, така што нема дилема кој треба да е нашиот главен геополитички правец. Соработката со трети држави, како Кина, секако дека треба да постои, но да се води транспарентно, стратешки и внимателно испланирано – каде имаме интерес, а каде постои безбедносен ризик.
Х.С.