Економија, финансии, бизнис

Контакт

Анализа со Димовски: Дали дата центрите се можност за развој или опасност од експлоатација на Македонија

Анализа со Димовски: Дали дата центрите се можност за развој или опасност од експлоатација на Македонија

Во последно време многу се говори за дата центри, и се шпекулира за потребата и можните ризици од нивната изградба, па затоа најпрво стручно да објасниме што се дата центри, како се разликуваат од т.н. серверски фарми, што е потребно од природни ресурси за истите да функционираат и кои се најголемите грижи што ги прават спорни.

„Доколку се изградат дата центри за обработка на податоци на државни институции и стратешки национални потреби на Македонија апсолутно сметам дека тие нема да бидат ниту енергетски ниту водно експлатациони големи објекти, а државата ќе има корист во чекор со развојот на светот и олеснување на административните потреби на граѓаните.  Но, сметам дека не е тоа целта, бидејќи јавноста нема доволно информации за намерата да се градат дата центри во Македонија“, смета Дејан Димовски магистер по енергетика на ФЕИТ при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и основач на Здружението на енергетичари и хемичари.

Со Димовски анализираме дали изградбата на дата центрите претставува спорна идеја поради политички и економски интереси или тука постои вистинска можност која Македонија треба да ја искористи.

Димовски: Дата центрите преставуваат големи објекти за чување, обработка и процесуирање на компјутерски  податоци. ИТ многу брзо се развива, особено во делот на ВИ, а сето тоа бара брзаиалгоритамска обработка на голем број на податоци, и брзо процесуирање на бесконечна низа на компјутерски операции. Дата центрите се градат во последните 10 години како специјализирани, физички објекти (цела зграда или комплекс) наменети исклучиво за сместување, напојување и ладење на огромно количество компјутерски сервери и мрежна опрема.

Големите ИТ корпорации повеќе не можат да се потпрат на индивидуални серверски фирми, поради лимитираниот број на алгоритамски операции и податоци кои можат да се обработуваат и чуваат. Серверите веќе на техничко ниво го ограничуваат ИТ прогресот и се недоволни за етаблирање на ВИ. Сервер собите веќе се нефункционални за големите ИТ корпорации, особено за оние компании кои интегрираат ВИ. За еден дата центар да функционира 24/7, без разлика на надворешните влијанија (земјотреси, прекини на струја, пожари итн), потребни се највисоки индустриски стандарди. Замислете ги како „хотели“ за податоци на стотици различни компании. Затоа, дата центрите имаат потреба од голема енергетска моќност и системи за ладење кои користат енормно големи количини на вода. 

Изградбата на дата центри, и во развиените земји станува сѐ повеќе контроверзна, но дали ова прашање се претвора во политичка битка меѓу различни интереси, или пак во прв план се влијанието врз животната средина, оптоварувањето на енергетскиот систем и оправданоста на вложените ресурси за дигитализација, клауд и технологии на вештачка интелигенција?

Димовски: Точна е констатацијата дека дата центрите во развиените земји веќе претставуваат проблем од енергетска гледна точка, побаруваат големи количини на вода за системите за ладење и имаат негативно влијание врз животната средина. Во околината на Даблин, Ирска има голем број на дата центри кои потребата за електрична енергија ја зголемиле за 27%. Токму поради ова, големите светски економии и држави наметнуваат изградба на дата центри во помалку влијателни држави се со цел големите ИТ коорпорации да продолжат непречено да функционираат, а да се трошат ресурсите на сиромашните или политички и воено зависните држави. Сето ова малите и слаби држави во политичка конотација ќе го престават како достигнување за сопствен развој. Во следната табела се дадени основни податоци за неколку моќни дата центри во светот во однос на потребата од енергетска номинална моќност и во однос на потребната количина на вода за ладење на центрите.

Според податоците на меѓународната енергетска заедница еден просечен дата центар користи електрична енергија колку град од 100 до 150 илјади жители. Моќните дата центри, кои тестираат модели за ВИ и алгоритамски обработуваат голем број на податоци, трошат струја на годишно ниво колку што се потребите за струја на цела Македонија. Меѓународната енергетска заедница предупредува дека преносните и дистрибутивните енергетски мрежи не се подготвени да ја следат потребата за електрична енергија на дата центрите. Токму ова е основата за притисок на моќните држави, да ги користат енергетските ресурси на малите и слаби држави, за потребите на своите дата центри.

Меѓу аргументите во полза на изградба на дата центри се потенцијалот за обновливи извори на енергија во Македонија, влезот на знаење и експертиза (know-how), потребата од модернизација и искористување на водните ресурси. Ваков каков што е сега енергетскиот систем, бидејќи сепак дата центрите се екстремен потрошувач на енергија, дали би довело до оптоварување на системот и загрозување на снабдувањето на домаќинствата, малите потрошувачи и индустријата?

Димовски: Дата центрите ќе го оптоварат дополнително електро-енергетскиот систем на Македонија, не само од аспект на потрошена електрична енергија, туку и од аспект на пренос и дистрибуција на електричната енергија до самите објекти во кои се креирани и поставени дата центрите. Македонија преставува земја богата со вода но, и топла клима што е дополнителен технички хендикеп во однос на системите за ладење. Доколку е искрена намерата Македонија да има сопствен дата центар, тогаш е апсолутно возможно таков дата центар да се купи и изнајми на пример како токен систем од Кина. Сепак, сметам дека Македонија како мала држава која води политика на зависност сепак, ќе биде ресурсно и енергетски искористена сѐ со цел во Македонија да се изградат дата центри на моќни држави кои целосно ќе ги искористуваат нашите ресурси.

Политиката има задача ваквиот технички нелогичен пристап да го престави како достигнување и токму затоа се кријат потпишаните протоколи за соработка со САД во областа на енергетиката и со Велика Британија во областа на инфраструктурата. Македонија во моментов се обидува да ги исполни техничките минимални услови на ЕУ за укинување на роамингот, а ние говориме за дата центри со брз пренос и обработка на огромен број на податоци.

Доколку правиме споредби, во Словенија има мали дата центри кои се користат само за потребите на Телеком Словенија, Пошта Словенија  и за Акедемската истражувачка мрежа на Словенија. Затоа, од аспект на недостаток на точни и вистинити информации, кои не се проследени од владата за каков тип на дата центри се разговара. Се поставува сериозна дилема, дали е за обработка на податоци за домашни државни потреби или за обработка и алгоритмирање на податоци на странски големи коорпорации. Постои опасност од загрозување на нормалното снабдување со електрична енергија на домаќинствата доколку слепо се исполнуваат барањата на големите и моќни држави.

Засега се подготвува теренот за изградба на дата центри во Македонија иако сѐ уште нема официјален документ, но што тоа навистина ќе значи за нашата држава и граѓаните. Дали ние ќе имаме директен бенефит од количината на податоци кои ќе се процесираат преку нив, ќе имаме ли пристап до напредни технологии на ВИ, ќе имаме ли директен придонес во националниот БДП, вработувања, инвестиции или пак тоа ќе значи само „празнење“ на локалните ресурси за нечии приватни и странски интереси?

Димовски: Доколку се изградат дата центри за странски интереси тоа ќе биде забранета зона за пристап на Македонија на сопствена територија бидејќи дата центрите ќе обработуваат податоци наменети за потребите и развојот на други држави.

Еден од најголемите дата центри во светот кој е изграден во Невада, САД е со номинална енергетска моќност од 650 MW. Максималниот инсталиран капацитет на трите блока во РЕК Битола е 700 MW. Дата центарот кој е изграден во Вирџинија во САД има номинална инсталирана моќност од 300 MW и истиот троши вода на дневно ниво до 4 милиони литри во летниот период за ладење на дата серверските системи. За потребите на Скопје на дневно ниво се потребни од 300 до 350 илјади м³ дневно.  Голем дата центар не само што ќе биде голем потрошувач на струја, тој дополнително ќе ја оптовари преносната и дистрибутивната енергетска мрежа а долгорочно ќе влијае на пазарно зголемување на цената на електричната енергија. Во моментов се водат војни за нафта, но за брзо време повод за војни ќе биде пристапот до чиста вода. Македонија е богата земја со вода и се плашам за едно 30 до 50 години потенцијално дека ќе биде мета на големите сили за експлатација на нашите водени ресурси. Изградбата на големи дата центри за туѓи интереси за жал е почеток на тој процес.

Дата центрите не вработуваат многу луѓе, во најголемите дата центри работат од 50 до 100 луѓе кои извршуваат попратни работни операции. Целокупното техничко функционирање на дата центрите е автоматизирано. Важно е да се напомене дека луѓето кои се вработени во големите дата центри не се задржуваат на своите работни места подолго од 5 години.  Дата центрите нема да имаат значителна позитивна импликација врз БДП на државата освен индирекно преку оданочување преку сметките за потрошена електрична енергија. Моќните дата центри негативно влијаат врз животната средина бидејќи го уништуваат животниот свет во реките и езерат кои потенцијално би се користеле за разладување на центрите.

Несомнено е дека на државата и се потребни развојни проекти, странски и домашни инвестиции, како во енергетиката, така и во останатите сектори, но се чини дека во сите овие „мега“ проекти, и тие кои се започнати и тие кои се планирани, како да нема јасна претстава што од нив конкретно добива Македонија и македонскиот народ. Од друга страна пак, ние немаме такви капацитети, очигледно ниту приватни ниту државни за да градиме сопствени проекти, па некои тоа го користат како аргумент ЗА ваквите „инвестиции“ од странство, вклучувајќи ги и потенцијалните дата центри?

Димовски: Самите сме виновни што ја доведовме Македонија во незавидна состојба. Енергетиката е основа и темел на независност и суверинитет. Ние треба да разликуваме што е домашно производство, а што е државно производство. Политичките елити овие два поима ги изедначуваат се со цел да промовираат енергетски проекти на странски компании.

Македонија направи две големи енергетски предавства со продажбата на дистрибутивната мрежа на ЕВН и со продажбата на рафинеријата за нафта во Миладиновци на Грците. Сега Македонија преговара со Окта за попуст од 2 денари за литар бензин и се става во незавидна позиција од странскиот капитал на енергетски нафтен ресурс кој државта сама го изградила. Сакам да потсетам дека ЕВН е државна компанија во Австрија.  

Македонија треба да се охрабри сама да гради енергетски капацитети кој ќе имаат државен предзнак. Чебрен е потребно да го гради државата, не треба да го заборавиме основниот воден потенцијал на државата, реката Вардар. Македонија е потребно да ги изгради малите хидроцентрали од студијата за Вардарска долина. Подарувањето на сопствените енергетски ресурси не прави зависна и слаба држава подложна на уцени и манипулации.  Македонија е потребно да изгради сопствени дата центри за државен интерес кој ќе обработуваат податоци за државни институции, јавни претпријатија, АРМ, телеком операторите итн, но не треба да се дозволи Македонија да биде основата за искористување на нашите ресурси за интерес на странски компании, во однос на изградба на големи дата центри.  

Апсолутно сметам дека е потребно да се отвори поширока јавна дебата за дата центрите сѐ со цел народот да биде запознаен со вистината за дата центрите и со вистинските намери на владата околу промовирање на идејата за градење на дата центри во Македонија.

Х.С.

Слично

Поврзани вести