Економија, финансии, бизнис

Контакт

Анализа: Сезонските работници најмногу се жртви на непријавен труд - Какви се решенијата?

Анализа: Сезонските работници најмногу се жртви на непријавен труд - Какви се решенијата?

Сезонските работници според истражувањата најмногу трпат нивниот труд да биде непријавен и да бидат дел од неформалната економија. Проблемите со ограничувањата на системот кој сега се применува во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија се одразуваат и на работодавачите, особено во земјоделството. Сезонската работа зависи од годишните времиња, па одредени сектори како земјоделството речиси 90% од работната сила ја пополнуваат со сезонски работници. Ангажманот некогаш може да трае и неколку месеци, но некогаш и неколку денови. Потребни се повеќе законски интервенции за полесно и побрзо завршување на процедурите за пријавување и одјавување на сезонските работници, како и овозможување истото да го направат и физичките лица преку нова платформа во АВРМ како преодно решение, и поедноставување на процедурите за малите семејни земјоделски заедници, како и помалите фирми, кои не можат да си дозволат дигитален сертификат за електронски пријави и одјави на работниците, за потоа и издвоена институција да се грижи за оваа област.

Околу 20 илјади работници се во ризик за непријавен труд и учество во неформалната економија

Земјоделството учествува со 7,2% во БДП и вработува речиси 14% од вкупниот број вработени. Од податоците на Државниот завод за статистика обработени во Анкетата за работна сила на Центарот за истражување и креирање политики забележуваме дека во земјоделството, споредено со другите сектори на дејност, најголем број работници работат или очекуваат  во период од неколку месеци да почнат да работат сезонска работа. Така, според анкетата на Државниот завод за статистика во 2018 година бројот на сезонски работници кои очекуваат повторно да започнат со работа во наредните месеци во земјоделството изнесува 18.317, додека во градежништвото 978.

Овие бројки се доволни за оправдување на потребата од примена на нови соодветни решенија, кои од една страна ќе ја зголемат заштитата на сезонските работници и правата од работен однос или сезонски ангажман им следуваат, на компаниите и работодавачите ќе им овозможат стабилен и сигурен начин за правно покритие на нивните активности, а за државата пак дополнителни приходи во буџетот и намалување на последиците од неформалната економија.

„Во истражувањето фокусот го ставивме на земјоделството, бидејќи претставува значаен економски сектор во земјата кој на посреден и непосреден начин учествува во создавањето на бруто-домашниот производ, дополнително, благосостојбата на значаен дел од населението зависи токму од работа во земјоделството. Нашето истражување покажа дека најголем број сезонски работници работат во земјоделството, а само мал дел од нив се пријавени за својата работа. Имајќи предвид дека земјоделството не претставува конкурентна дејност, згора на тоа работните ангажмани се кратки и непостојани, работниците претпочитаат да работат сигурна работа дури и за помал финасиски надоместок за својот труд или да заминат во земјите од Европската Унија. Заради тие причини се јавува сериозен недостаток на работна сила, а работодавачите се принудени да ги ангажираат сите работници кои се подготвени да работат, а тоа често се категории на лица кои формално не можат да бидат пријавени за својот работен ангажман, а во суштина вршат сезонска работа. Неформалниот труд во оваа дејност, главно е врзан за малите работодавачи, а тоа се индивидуалните земјоделци и семејните земјоделски стопанства кои немаат ниту финансиски, ниту административен капацитет да ги спроведат сите постапки. Постапката за пријавување е обемна и одзема многу време, а за користење на електронскиот систем на е-Работа управуван од АВРСМ потребен е дигитален сертификат. Додека дигиталниот сертификат е скап за поголемиот број земјоделци, главниот проблем е во самиот систем за е-работа, кој е достапен за користење само за правни лица, што оневозможува да го користат индивидуални земјоделци“ објаснува истражувачот Кристијан Трајковски од ЦИКП.

Се поставува прашањето како да го решиме проблемот со високиот степен на неформален труд во земјоделството? Треба да имаме предвид дека работниците претпочитаат да бидат пријавени, но истовремено не сакаат да ги загубат стекнатите финансиските придобивки за краток работен ангажман од неколку дена.

Недостиг на работна сила и покрај зголемените дневници

Работодавачите од секторот земјоделство се соочуваат со сериозен недостиг на работна сила. Сезонската работа не е сигурна и не ги мотивира младите работници да се вработат во оваа дејност. Тие заминуваат да работат во земјите од Европската Унија, а квалификуваните млади работници кои бараат работа само при околности на нужност одлучуваат да се вработат во земјоделството како сезонски работници. Покрај квалификувана работна сила, недостиг има и од работници без определени вештини. Заради тоа, работодавачите се принудени да ги ангажираат сите работници кои се подготвени да работат.

„Како позитивен пример и искуство од кое може да ползуваме корист сметаме дека е системот кој од 2019 година започна со примена во Република Србија. Имено, во Србија се воведе нов систем за ангажирање сезонски работници во земјоделството. На работодавачите им се овозможува флексибилност бидејќи овој модел е заснован врз концептот за ваучер-систем, но со подобрувања и примена на софтверско решение за брзо и едноставно пријавување на работниот ангажман. На овој начин се овозможува подобра и поефикасна размена на податоци меѓу надлежните институции, како и подобра контрола од страна на надлежните инспекциски органи. Целта е да се овозможи поволен начин за управување со потребите за човечки ресурси кои ги имаат работодавачите во услови на нестабилен пазар на труд, но и да се заштитат работници, односно да се стекнат со право на здравствено осигурување при повреда на работното место, како и да се зголеми можноста за нивно вработување преку евидентирање во регистар за сезонски работници“, вели Трајковски.

Заради спецификите на состојбите во нашата земја се препорачува воведување на овој систем за електронска пријава проследено со повисок степен на флексибилност преку дорегулирање на Законот за работните односи. Потребно е одвојување на овој вид ангажман од работниот однос, а тоа може најдобро да се направи преку донесување ново законско решение со кое ќе се уредат низа прашања за непречено спроведување на новиот модел кој ќе придонесе кон решавање на проблемите на работниците и работодавачите во секторот на дејност земјоделство. Значајна придобивка од сето ова ќе биде воведувањето регистар за сезонски работници кој во услови на нестабилна понуда на труд, ќе биде значајна алатка за вкрстување на побарувачка и понудата за сезонски работници.

Имајќи предвид дека работата на Агенцијата за вработување ќе биде предмет на опсежна реформа, во иднина по овој преоден период во кој може да се отпочне со примена на овој модел, целосното управување со системот може да биде добро решение да се пренесе кон нов правен субјект кој ќе управува со Единствениот регистар за социјални осигуреници. На тој начин евиденција за секој вид работен ангажман ќе се води во една база на податоци. Со воведување на регистарот за сезонски работници ќе се овозможи вкрстување на понудата и побарувачката на сезонскиот пазар на труд. Работниците ќе бидат правно заштитени и ќе се стекнат со здравствена заштита при можна повреда на работното место, како и регулиран однос по основ на пензиското и социјално осигурување.

„Во суштина, станува збор за нов модел за поедноставување на постапката за ангажирање на сезонските работници, каде што од работодавачот ќе биде побарано да ги внесе основните податоци за работникот и за многу краток временски период да оствари формален работен ангажман. Тие не се обврзани да потпишат взаемен договор, а самиот систем ќе генерира потврда за завршената работа врз основа на претходно внесените податоци од страна на работодавачот. Дополнително, примената на системот ќе придонесе кон развој на регистар за сезонски работници, преку кој работодавачите би пристапиле до работна сила кога им е потребна. Со цел да се постигне поголема флексибилност и можност за поефикасно управување со потребите од човечки ресурси, покрај овој модел, препорачуваме и дополнување на одредбите од Законот за работните односи со кои се уредува сезонската работа и договорот за вработување“, потенцира Трајковски.

Регулирањето на сезонската работа не е замена за стандардното вработување

Треба да се напомне дека овие модели немаат за цел да ги заменат стандардните облици на вработување, туку позитивно да се одразат врз намалување на неформналното ангажирање работници, како и врз животниот стандард на определени категории лица кои на овој начин се стекнуваат со можност во рамки на формалната економија да остварат дополнителен приход со кој ќе ги задоволат своите потреби за живот. Воведувањето можност за пријавување на работниот ангажман, кој нема да подразбира вработување, има цел да ја намали практиката на нерегистрирано ангажирање работници, при што ќе овозможи подмирување на дел од придонесите за работниците, како и плаќање на персонален данок кон државата. Од друга страна, се намалува административниот товар којшто го имаат работодавачите при ангажирање на работници за краток временски период. Работодавачите може да управуваат со потребите за човечки ресурси на флексибилен начин, имајќи го предвид нестабилниот карактер на нивната работа, како што тоа е случај со секторот на дејност земјоделство.

Студијата на политики насловена „Од сенка во видлив сезонски работник во земјоделството“ е изготвена во рамките на проектот „Зголемување на можностите за вработување на сезонските работници од регионот на Југоисточна Европа“. Проектот го спроведува Германското друштво за меѓународна соработка и НАЛЕД од Република Србија. Центарот за истражување и креирање политики истапува како локален партнер.

Х.С.

Слично

Поврзани вести