Анализа: На Тодоровиќ во Центар му пресудија “Скопје 2014” и зонското паркирање!
После 13 години, власта во општината Центар се промени, а во градоначалничката фотелја, сега ќе седне човек од опозицијата. За време на изборната кампања ВМРО ДПМНЕ и СДСМ водеа жестока битка за Центар, но сепак на крајот жителите на оваа општина беа тие кои пресекоа и одлучија да му го одземат мандатот на досегашниот градоначалник од редовите на власта Владимир Тодоровиќ, и таа улога да му ја доделат на Андреј Жерновски од ЛДП и Здружената опозицијата. Ваквиот пресврт според граѓаните беше очекуван. За голем дел од жителите на Центар две работи биле клучни за нивната одлука на кого да го дадат својот глас, проектот “Скопје 2014” и зонското паркирање.
-Јас сум стар скопјанец, и жител на општина Центар, искрено центарот на градот не го препознавам повеќе, на се личи само не на метропола. Ова не е тоа Скопје кое имаше душа, на секој чекор споменици, барокни фасади, го уиништија паркот Жена Борец со еден куп споменици. Доста ми е и од тие споменици, го задушија центарот на Скопје, вели жител на општина Центар.
Голем дел од жителите на Центар се револтирани од воведувањето на зонското паркирање
-Можеше на друг начин да се реши проблемот со паркирање, најлесно е така како што направија од општината, удри по џепот на граѓанинот. Да плаќам за да си се паркирам пред зграда, колку и да е минимална цената, некој може и толку нема. Гости да не може да ни дојдат, мора да платат паркинг. И не само тоа, на секаков начин гледаат да извлечат плус пари. Ми стигна да платам казна за нешто што не е моја вина, и еве сеуште чекам одговор дали ми ја уважиле жалбата-објаснува жител на општината Центар.
Политиколозите се со поделени мислења. Едни сметаат дека токму проектот “Скопје 2014” и целокупната политика што ја водела општината, биле клучни за промена на досегашниот градоначалник од владејачката коалиција.
- Се работи за незадоволство од сегашниот градоначалник. “Скопје 2014” влијаеше врз одлуката на граѓаните во првиот круг, а одзивот и потврдувањето на победата во вториот круг беше под влијание на обидот на власта да ја оспори победата. Генерално променета на политиката е под влијание на “Скопје 2104”, особено на овие барокни фасади што не опкружуваат, луѓето не се задоволни од тоа како се води политиката во таа општина, тоа е одговор и на прашањето за “Скопје 2014” и на сите тие спомениците и трошења на пари, тоа е прв изблик на незадоволство од правецот во кој се движи државата, а кој почнува од општина Центар. Новиот градоначалник е обврзан на првата седница да го ревидира Деталниот урбанистички план за тие споменици. Во однос на тоа дали нешто ќе се дислоцира, ќе кажам дека, се што не е експлицитно и не е забрането со закон, е дозволено - вели Петар Арсовски, политички аналитичар.
Дел од политиколозите пак сметаат дека проектот “Скопје 2014” немал никакво влијание врз одлуката на жителите на Центар, за кого да гласаат. Според политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, овој пат се покажало дека Андреј Жерновски од ЛДП се претставил како подобар кандидат.
-За кого ќе гласаат граѓаните на локални избори, секако најголема улога има самиот кандидат, што значи дека во прв момент се зависи од самиот кандидат. Потоа секако влијаат и останатите фактори. Очигледно е дека во оваа ситуација, Андреј Жерновски се претстави како подобар кандидат. Од друга страна тој доаѓа од една друга опција, односно доаѓа од ЛДП- партија која е неутрална и која во изминатиот период се покажа дека нуди добри градоначалници. Но, исто така нему му помогна и тоа што СДСМ како политичка опција во Центар има добра база.
Божиновски смета дека проблемот со паркингот во Центар беше клучен проблем околу кој се кршеа копјата.
- Во последните неколку дена од кампањата се донесоа некои новини за решавање на тој проблем, но веројатно беше доцна. Ако тие промени се спроведеа порано тогаш можеби и исходот во Центар ќе беше поинаков. Сметам дека токму тој проблем исто така му помогна на Жерновски во победата. Генерално, проектот „Скопје 2014“ , немаше влијание врз изборот на кандидатот, исто како што тој проект не го одлучи изборот на нандидатот за град Скопје, каде победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, а истиот проект е дел и од градот Скопје. Така што и без „Скопје 2014“ , исходот во Центар ќе беше ист- вели Божиновски
Анкетите покажаа дека граѓаните акумулираат незадоволство за проектот “Скопје 2014”
Реализацијата на проектот “Скопје 2014” почна од 2010 година, а од тогаш почнаа и битките меѓу советниците во општината Центар на речиси секоја седница кога на дневен ред беше најузрпираниот ДУП “Мал Ринг”. Општината Центар беше најдобар параван за реализација на овој проект.
Дел од стручната јавност и невладините организации остро реагираа, на како што го нарекоа “силувањето на градот”, но попусто, а во целиот хаос изостана и гласот на жителите на општината Центар кои не беа консултирани дали се согласуваат со тоа што се случува во нивната општина. Централното градско подрачје се претвори во едно големо градилиште. Го снема зеленилото, кое се замени со споменици, се исекоа дрвјата спроти хотелот “Бристол” за да се изградат две барокни админитсративни згради, се уништи паркот “Жена Борец” за сметка на десеттина споменици.
Мал Ринг контроверзен урбанистички план
Малиот Ринг кој важи за најконтроверзниот урбанистички план, чии измени се правеа во корист на сите, само не на граѓаните, а во зависнот од моќта и финансиите, за реализацијата на проектот, се менуваше и преку ноќ. Се одеше до таму што дури и барокните фасади на објектите во строгиот центар, беа дефинирани со овој ДУП, за да се вклопат во севкупниот амбиент. Опозициските советници, на седниците, постојано реагираа дека општината се користи само како тело преку кое треба да поминат идејните решенија на власта, а дека сите идеи од проектот се дело на лични интереси на некој кој не знае што е современа архитектура.
Анекс договори се склучуваа речиси секој ден, а потрошената сума за проектот постојано растеше, и досега драстично ги надмина предвидените 80 милиони евра државни пари за реализацијата на проектот. Во јавноста до ден денес не се открија ниту точните суми на хонорарите на главните актери кои ги изработуваа спомениците и барокните фасади.
Незадоволството на граѓаните и растеше, што се гледаше и од спроведените анкетите, во кои голем беше процентот на оние кои не го поддржуваат овој проект. Според политиколозите, токму тоа незадоволство беше причина жителите на Центар, на локалните избори да и пресудат на досегашната владејачка гарнитура во општината Центар. Новиот градоначалник, уште во текот на изборната кампања најави дека ќе спроведе меѓународна ревизија на целиот проект.
-Веднаш по моето стапување на должност, ќе обезбедам спроведување на стручна меѓународна финансиска ревизија на деловите на “Скопје 2014″ што ги реализирала општина Центар. Иако првично се тврдеше дека ќе се потрошат 80 милиони евра, само досега чини половина милијарди евра, а според извештаите во странските медиуми, овој проект, на крајот, ќе ги чини граѓаните над милијарда евра. Моја основна обврска ќе биде да ги расчистам сите матни дејанија поврзани со овој проект, бидејќи граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари. Бидејќи моето семејство има долгогодишна традиција во градежништвото, во мојот речник не постои терминот “рушење”, но сепак по извршената консултација со стручната јавност како и со граѓаните, оставам простор за можна дислокација на одредени споменици. Општината Центар повеќе не смее да се идентификува со проектот ”Скопје 2014″- изјави во интервју за Фактор пред три недели Андреј Жерновски.На вчерашната прес конференција Жерновски ја повика и администрацијата на општината Центар, да се однесува професионално и да не подлегне на, според него, притисоците кои се вршат врз неа за изнесување документи. А, поставувањето на нови споменици не запре и ден по завршувањето на вториот круг од локалните избори. Откако стана извесно дека му се заканува смена на актуелниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, се започна со итно поставување на нови споменици на целата територија на општината, од Капиштец, преку Плоштадот Македонија и Карпошово востание, па се до црквата Свети Богородица. Новиот градоначалник порача, дека тоа е последното нагрдување на општина Центар, и дека повеќе ниту еден сантиметар од Општината нема да се моделира во нешто друго без да се прашаат граѓаните. Ј.С
Слично
