Анализа: Македонија ќе плати висока цена од ново ад хок зголемување на минималната плата
Ново зголемување
на минималната плата во Македонија како законска обврска, може да влијае на
зголемување на невработеноста кај младите, предупредува Меѓународниот монетарен
фонд (ММФ) во псоебна анализа за минималната плата во земјава. Во анализата
стои дека Македонија може да плати висока цена од понатамошно ад хок покачување
на законски утврдена минимална плата, а тоа го поткрепува со посебна студија за
влијанието на вакви мерки врз работната сила. ММФ сугерира на внимателност и во
услови на голем процент на сива економија во деловниот амбиент, па тврди дека на
ваков начин неформалноста може и да се поттикне дополнително.
„Властите треба да се претпазливи со дополнително ад хок зголемување на минималната плата. И покрај неодамнешното поволно влијание врз минималната заработувачка, минималниот просек на платите во Македонија е на критичен праг, над кој понатамошните зголемувања може да бидат поврзани со негативни ефекти врз вработувањето на младите и неквалификуваните работници, стои во анализата.
Според студија на ММФ во повеќе земји во Централна и Источна Европа, дополнително зголемување од 10 проценти на мининална плата се одразува со намалување на вработеноста кај младите од два проценти.
„Тоа е скап исход за земја која се бори со 48 проценти невработеност кај младите. Ова е во согласност со постоечката литература и е поддржано од друга студија на ЕК спроведена во 19 земји, која покажува намалување на стапката на вработеност кај младите од 1,5 до 2 проценти ако минималната плата се зголеми за 10 проценти. Исто така, постојат сугестивни докази дека распределените бенефиции се намалуваат кога односот ќе достигне високо ниво, пишува ММФ.
Од 2012 до 2018 година минималната плата во земјава порасна драстично во однос на просечната плата, но и во однос на продуктивноста во економијата. Во тој период продуктивноста остана иста, а минималната плата се зголеми за повеќе од 50 отсто. Растот се должи на политиките на Владата, слично како и во други земји од Европа, каде со вакви мерки се стимулира подобрување на распределбата на приходите и се подобруваат економските услови за нискполатените работници без да троши Владата од буџетот.
Сепак од Фондот семтаат дека поголемата минимална плата може да го зголеми бројот на работници кои работат во неформалната, сива зона.
„Исто така, може да предизвика реорганизација на официјални и неофицијални плаќања без да влијае врз вистинските надоместоци, особено ако постојат стимулации за избегнување на даноци и повисоки придонеси за социјално осигурување, стои во извештајот.
Во земјава скоро 30 отсто од сите работници моментно земаат плата која е близу до минимално загарантираната. Во Полска тој процент е 9 отсто, во Летонија 15 проценти, а 22 проценти се во Романија.
Од ММФ се децидни дека на ваков начин може да се подобри еднаквоста во приходите, но предупредуваат дека властите треба да бидат свесни дека зголемувањата на минималнатаплата би можеле да ги зголемат трошоците за единечна работна сила, со негативни ефекти врз конкурентноста на трудоинтензивните сектори, особено со оглед на стагнантен раст на продуктивноста.
„Справувањето со нееднаквоста поефикасно бара напори за политики кои одат многу подалеку од минималната плата. Минималните плати можат да ја подобрат распределбата на платите до одреден степен, ако почнуваат од ниска основа и ако се соодветно применливи. На сегашната минимална плата, властите треба да се фокусираат на комплементарни мерки како подобро насочување на социјалните трошоци, попрогресивен даночен систем и посеопфатно оданочување на капиталот и богатството, заклучува ММФ.
A.T.
