АНАЛИЗА: Колку потрошивме во лаборатории во пандемија?
Корона кризата донесе фантастични финансиски резултати за дијагностичките лаборатории и за аптеките. Резултатите за лани, кои се резултат на огромната побарувачка за фармацевтски производи и за тие здравствени услуги, се импозантни и веројатно нема да се повторат.
Бизнисот со лабораториите за дијагностика глобално гледано лани одлично „сурфаше на мега бранот што го направи корона кризата“. На нашиот слободен пазар на медицински услуги лани се издвоија три најголеми играчи ( во оваа прилика нотираме дека во анализата не се опфатени лабораториите на најголемите приватни клиники кои работат во состав на тие компании) а тие се: „„Авицена Лабораторија“, „Биотек Лабораторија“ и „Син лаб“.
Убедливо најголем играч на домашниот пазар на дијагностички – лабораториски услуги лани беше „Авицена Лабораторија“. Ова друштво, чии сопственици се Ѓорги, Емил и Александар Нацка, лани го зголеми приходот за 105 отсто во споредба со 2019 година. Минатата година нејзините приходи од продажба на услуги изнесуваше 4,6 милиони евра. Уште поекспресивна е разликата кај добивката. Лани „Авицена лабораторија“ имаше профит од 1,6 милиони евра што е 9 пати повеќе од 2019 година.
Другите две големи компании кои нудат вакви услуги на слободен пазар си конкурираат за пазарно учество. Лани поголем приход остварила „Биотек Лабораторија“ со реализација од 2,81 милиони евра што е за пет пати повеќе од претходната година. Добивката на ова друштво, семеен бизнис на Дејан и Мартин Синадинови и Анкица Синадинова – Базерко во 2020 година изнесува 1,58 милиони евра, а овој резултат е за 77 пати подобар од профитот остварен во 2019 година.
„Синлаб“ е скопска лабораторија во мешовита домашно-странска сопственост. Лани оваа компанија остварила приход од 2,48 милиони евра и тоа е за 33 отсто повеќе од претходно. Добивката лани пораснала за 4,6 пати и изнесува 433.000 евра. Партнери во оваа компанија се Маја Тодоровска и „Синлаб ервалтунгс унд Бетај Лигунс“.

