Економија, финансии, бизнис

Контакт

АНАЛИЗА: Големи разлики меѓу продуктивноста на трудот и платите на вработените во зоните, кои се решенијата

АНАЛИЗА: Големи разлики меѓу продуктивноста на трудот и платите на вработените во зоните, кои се решенијата

Ќе продолжи ли растот на платите со темпо со кое расте и продуктивноста на трудот на вработените во компаниите во технолошко индустриските развојни зони? Анализа која за прв пат по подолго време обработува клучни параметри за работата на овие фирми во последните десет години во земјава, покажа дека од 2010 наваму има континуиран раст на продуктивноста на трудот и тоа со просечна годишна стапка на пораст од дури 55 отсто. Во периодот до 2016 година сепак динамиката на пораст е значително над растот на платите на вработените кои работат во овие фирми, а во периодот по 2017 година трендовите се менуваат со подинамичен раст на платите. Владо Рикаловски, економски аналитичар и еден од авторите на анализата за Фактор вели дека во услови на слободен пазар зголемената продуктивност секако треба да значи и раст на платите, но тоа не било случај во Македонија. Особено не, во првите пет години од последната деценија.

Дали Македонците работат многу, а за ниски плати, колку се евтина работна сила? Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Јован Деспотовски вели намерата е  платите да растат повеќе, а експертите се согласни дека зголемувањето ќе биде условено од мноштво фактори. Бројките од анализата се основа да се работи на трендот.

Официјално, според Евростат продуктивноста на трудот во земјава генерално е ниска и е под просекот во Европската унија. Никица Мојсоска, професорка и претседател на Македонија 20-25 вели дека очекува компаниите во зоните секако да имаат повисока продуктивност од просечната продуктивност во економијата бидејќи тие треба да се технолошко понапредни. Токму оваа разлика во продуктивноста, вели, е основа за промовирање на странски инвестиции, како и можноста за ширење на новите технологии во економијата.

ШТО ПОКАЖА АНАЛИЗАТА?

Податоците за анализата се црпени од годишните извештаи на компаниите кои работат во слободните економски зони. Индикаторот за продуктивност на трудот е пресметан како количник меѓу нето приходите и просечниот број на вработени во дадена година. Што покажал? Од 2011 до 2016 година продуктивноста на трудот годишно растела во просек со 87 проценти, а платите растеле просечно со стапка од само шест проценти.

„Дотолку повеќе, индикаторот на сложената стапка на раст (CAGR) покажува дека не само што постои отстапување, туку постои и обратен тренд во движењето на двата индикатори бидејќи платите во овој меѓу-период опаѓаат со константна стапка од 9 процентигодишно. За разлика од овој временски период, меѓу-периодот 2017 – 2020 бележи значително усогласување на трендот каде што просечниот годишен пораст на продуктивноста од 7 отсто расте со комплементарно позитивна стапка на просечен годишен пораст на платите по вработен од 11 отсто (CAGR) или 13 отсто (како пондериран просек на групниот годишен пораст) - што можеби е последица и на зголемувањето на минималната плата во овој период, вели Рикаловски.

Објаснува дека, секако, продуктивноста на трудот е директно поврзана и со други фактори како на пример воведување на нови технологии и останати инвестирања во капитал што кај овие фирми се рефлектира во континуираното зголемување на вредноста на основните средства.

„Како и да е, продуктивноста бележи забележителен просечен раст од 55 проценти на годишно ниво во период од 2011 до 2020. Овој тренд е дотолку повеќе значаен кога ќе се земе предвид дека во истиот период просечниот број на вработени расте со константна стапка на раст од 68 отсто што едновремено се должи и на зголемувањето на бројот на субјекти во ТИРЗ низ годините. Тоа значи дека не само што субјектите во просек континуирано вработуваат нови кадри, туку најверојатно се и паралелно посветени на стратешко зголемување на нивната продуктивност преку обуки и подобрување на нивните вештини, како и во оптимизирање на производствениот процес преку воведување на нови технологии. Воедно, зголемувањето на растот на нето приходите укажува на фактот дека овие компании се успешни и во комерцијализација на нивните производи и/или услуги, вели Рикаловски.

Според него зголемувањето на цената на трудот во иднина е условена од низа актуелни фактори меѓу кои клучни се поскапувањето на енергенсите, репроматеријалите како и отежнатиот пристап до суровини кои неминовно го стимулираат инфлаторниот притисок во економиите што пак може да доведе до непосакувани последици. Тоа, вели тој, би ги принудило компаниите кон преземање рестриктивни мерки со цел да ги намалат трошоците и да ја одржат нивната ликвидност.

ПОВИСОКА ПЛАТА ЗА ПОДОБРО ОБРАЗОВАНИЕ И СТРУЧНОСТ

Според последните расположливи податоци на Евростат кои се однесуваат за 2018 година просечен македонски работник произведувал 44,3 отсто од аутпутот на просечен ЕУ работник. Со оглед на тоа дека платите ја следат продуктивноста, македонските работници секако примаат пониски плати.

Мојсоска вели дека најголем дел од компаниите во ТИРЗ се меѓународни компании кои имаат свои системи за мерење на продуктивност и утврдување на соодветна плата.

„Тие верувам дека можат и да направат споредба на продуктивноста на работниците во нивната матична компанија и на оние во Македонија и точно да утврдат која е „фер“ плата. Инаку, би очекувала овие компании да имаат повисока продуктивност од просечната продуктивност во економијата бидејќи компаниите треба да се технолошко понапредни. Токму оваа разлика во продуктивноста е основа за промовирање на странски инвестиции, како и можноста за ширење на новите технологии во економијата, вели професорката.

Според неа продуктивноста на работниците секако може да се зголеми.

„Двата можни начини се инвестиции во современа и модерна опрема  односно капитал со која работат работниците и унапредување на вештините на работниците. За жал, во Македонија многу мал процент од работоспособното население се обучува, што негативно влијае врз продуктивноста. Во 2020, само 2,6 отсто од возрасните лицаодносно лицата од 25 до 64 години во земјава биле вклучени во некоја обука, наспроти просекот на ЕУ-27 каде процентот е 9,2 отсто, вели Мојсоска.

Инаку комплетната анализа содржи показатели за ефектите од странските вложувања во технолошко индустриските развојни зони во изминатите 10 години. Опфаќа повеќе параметри, како вкупни приходи, број на вработени, продуктивност, плати, уплати во буџетот, нето приходи, и поврат на инвестиции.

„За првпат имаме реални бројки кои ни покажуваат какви се ефектите од странските вложувања за земјата врз база на кои може да градиме реални политики. За првпат е изготвена ваква анализа треба да ни покаже каде сме, што е постигнато до сега и да биде основа за идната развојна македонска економија,“ вели Јован Деспотовски директор на ТИРЗ.

Тој најави дека Дирекцијата почнува нов концепт на комуникација со потенцијалните инвеститори, кој ќе биде базиран и на бројките кои ги продуцираше анализата.

Александра Томиќ


Слично

Поврзани вести