АНАЛИЗА: Долговите уриваат рекорди – гувернерот вели дека се е под контрола!
По министерот за финансии Ставрески, и гувернерот Димитар Богов уверува дека со сегашното ниво на задолженост, Македонија останува умерено задолжена економија. Богов признава дека Бруто надворешната задолженост е во пораст, но вели дека тоа е резултат на заголемување на кредитите и задолжувањата на странските фирми што работат во Македонија.
“Во надворешниот долг има повеќе категории меѓу кои се и трговските кредити и кредитите меѓу поврзани субјекти. Голем дел од нашиот надворешен долг отпаѓа токму на овие две позиции - трговските кредити чие што зголемување покажува зголемени надворешно трговски односи што е секако позитивно и задолжувањето кај матичните компании во странство што се всушност странски директни инвестиции.“ - изјави гувернерот Богов и додаде:
“Надворешниот долг на Република Македонија не е загрижувачки, бидејќи две големи компоненти отпаѓаат на трговските кредити и кредитите меѓу поврзани субјекти кои се многу позитивни за нашата економија и всушност се странски директни инвестици. Во нашата анализа од седум индикатори кај пет Македонија е умерено задолжена земја, кај еден е ниско, а кај еден високо задолжена земја. Единствено по учеството на долгот во БДП Македонија во континуитет се вбројува во делот на високо задолжени земји уште од 2005 година.“
Според новите, јунски податоци, Бруто Надворешниот долг достигна рекордно највисоко ниво од 5,7 милијарди евра или 71,66% од Бруто Домашниот Производ. Според структуранта на должниците, најголем дел од долгот отпаѓа на Владата и на останатите сектори, во кои спаѓа и приватниот сектор.
Еве кој колку должи кон странство:
Долг на државата 1,6 милијарди евра
Долг на НБРМ 378 милиони евра
Долг на останати сектори 1,9 милијарди евра
Обврски, др. инвестиции 1,2 милијарди евра
Според податоците на НБРМ, во вториот квартал од годинава во споредба со првиот квартал, Бруто надворешниот долг се зголемил за 113 милиони евра, при што раст има и кај краткорочните и кај долговорчните задолжувања.
Откако претходно беа објавени и податоците дека и Долгот на Централната Влада достигна историски највисоко ниво од 40,8%, дел од економистите посочија дека веќе треба да се води сметка за идните задолжувања кои директно ќе влијаат врз нивото на долгот.
“Факт е дека долгот на централната влада во последниве неколку години има тенденција на пораст, што одговара на реализираните дефицити во централниот буџет, кои е неопходно да се финансираат. Долгот на централната влада, со последното задолжување преку издадената еврообврзница, го надмина нивото од 40 отсто. Лично мислам дека 40 отсто долг на централната влада би требала да биде границата што не треба значително да се надмине. Во наредната година можно е намалување на ова ниво под 40 отсто заради претстојните отплати на доспеани долгови“- изјави во интервју за “Фактор“ универзитетскиот професор Трајко Славевски .
Новите долгови ќе ги плаќаат идните генерации – ќе има ли пари?
Според економистите, веќе не е спорна само висината на долгот туку и долгорочната кондиција на економијата навреме да ги отплаќа кредитите што ќе доспеваат. Од монетарната власт посочувата дека состојбата внимателно се следи.
“Секако генерално треба да водиме сметка за капацитетот на нашата економија да го отплатува долгот кон странство и НБРМ секогаш го има тоа на ум и секогаш во нашите анализи гледаме три до пет години нанапред и соодветно на тоа ја прилагодуваме нашата монетарна политика. Тоа се параметри кои постојано ги земаме предвид и секогаш кога ќе има потреба монетарната политика соодветно ќе се прилагоди се со цел Македонија да не дојде во ситуација да не може да ги отплатува своите обврски било кон домашни, било кон странските кредитори“ - смета гувернерот Богов.
Во структурата на надворешните долгови доминираат долгорочните кредити. Еве колку изнесуваат надворешните долгови според рокот на отплата:
Долгорочен долг 4,0 милијарди евра
Краткорочен долг 1,7 милијарди евра
Од 2008 до вториот квартал од годинава, Бруто Надворешниот долг е зголемен за 22,4 проценти. Еве како се движеше трендот на раст на долгот, како процент од БДП:
2014 ( II квартал) 71,66%
2013 63,03%
2012 69,39%
2011 64,86%
2010 58,18%
2009 56,40%
2008 49,17%
Заклучно со првото полугодие, Јавниот долг кон надвор изнесува 2 милијaрди 585 милиони евра или 32,7% од БДП. Според последните податоци на Министерството за финансии, во јули Долгот на Централната Влада надмина 2 милијарди евра или 40,8% од БДП, ниво кое се смета за едно од историски највисоките. Во исто време, со почетокот на оваа година почна и процесот на промена на структурата на долгот на Централната Влада, односно се поголемо учество во внатрешниот долг завземаат долгорочните задолжувања, пришто ќе се враќаат по три, пет или десет години.
Д.А.
Слично
