Амнестијата мора да се повлече, тврди Хајндл за Дојче Веле
Договорот од Пржино е клучот за решение на кризата, вели во разговор за Дојче Веле специјалниот пратеник на шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер во Македонија, амбасадорот Јоханес Хајндл.
Специјалниот пратеник Хајндл инсистира дека Договорот од Пржино и натаму е добра основа за изнаоѓање решение за кризата во Македонија.
Според Хајндл, априлската амнестија за политичарите на претседателот на државата Ѓорге Иванов ги поткопа овие напори и не е во согласност со Договорот од Пржино.
„Чистењето на избирачките списоци, обезбедување на независноста на медиумите и овозможување еднаков пристап до нив за сите партии, се услови без кои не може да се организираат фер и демократски избори“ - вели Хајндл.
Тој вели дека ЕУ и Германија сакаат да и помогнат на земјата да најде излез од кризата, но патот ќе мора самата да го изоди. Прв чекор на тој пат, според германскиот пратеник, треба да биде повлекувањето на амнестијата на претседателот Иванов.
