Економија, финансии, бизнис

Контакт

Американските воени авиони ја напуштаат Бугарија до крајот на јуни

Американските воени авиони ја напуштаат Бугарија до крајот на јуни

Американските воени авиони стационирани на аеродромот „Васил Левски“ во Софија треба да ја напуштат Бугарија до крајот на месецов, потврди бугарскиот премиер Румен Радев.

Со тоа бугарската влада останува на претходно утврдениот рок, според кој престојот на американските летала е дозволен до 30 јуни 2026 година. Американската страна побарала авиони да останат подолго, односно до крајот на јули, но Софија одлучила да не го продолжи рокот.

„Владата е во редовен дијалог со американската страна. Авионите ќе го напуштат аеродромот до крајот на овој месец, но САД остануваат наш клучен партнер. Владата ќе продолжи да работи на продлабочување на ова партнерство“, изјави Радев на почетокот на денешната седница на кабинетот.

Одлуката доаѓа во период кога Бугарија инсистира Вашингтон да го укине визниот режим за бугарските граѓани. Според Радев, Софија ја разбира сложеноста на американските процедури, но има и сопствени приоритети и правила.

На 29 мај бугарската влада донесе одлука со која до 30 јуни беше продолжен престојот на до 15 американски авиони, придружен персонал до 500 лица и опрема. Станува збор за летала распоредени на софискиот аеродром во рамки на активности поврзани со НАТО.

Бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов претходно објасни дека биле разгледувани и други можни локации, меѓу кои и воени летишта, но аеродромот во Софија ги исполнувал потребните логистички услови за прием и опслужување на ваков тип авиони.

Во последните месеци на аеродромот „Васил Левски“ беа стационирани американски воени авиони, меѓу кои и авиони цистерни, користени за поддршка на сојузнички активности.

Слично

Поврзани вести