Американски фонд би можел да ги преземе средствата на „Лукоил“?
Американскиот инвестициски фонд „Карлајл“ разгледува опции за купување на странските средства на санкционираниот руски нафтен гигант „Лукоил“ „во пакет“, изјавија три извори за Ројтерс.
Кон крајот на октомври, Министерството за финансии на САД воведе санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, обидувајќи се да ги ограничи буџетските приходи на Русија и нејзината способност да ја финансира војната во Украина. Неколку дена подоцна, „Лукоил“ ја објави својата намера да ги продаде странските средства, потврдувајќи дека прифатил понуда од швајцарскиот мултинационален трговец со стоки „Гунвор“.
„Гунвор“ ја повлече својата понуда на почетокот на ноември откако Вашингтон сигнализираше дека нема намера да му издаде лиценца за работење. Средствата на „Лукоил“ го привлекоа вниманието и на инвестицискиот фонд „Карлајл“, изјавија вчера три извори за Ројтерс.
„Карлајл“ само што почна да разгледува опции за купување, рече еден од изворите, и би побарал зелено светло од Вашингтон пред да спроведе темелна анализа, но би можел да се откаже и од купувањето, нагласи изворот. Фондот го информирал „Лукоил“ за своите намери, рече друг извор. Американската инвестициска компанија одби да коментира за Ројтерс за наводите на изворот, а „Лукоил“ не одговори на барањето на Ројтерс за коментар.
„Карлајл“ е меѓу најголемите инвестициски компании во светот и управува со средства во вредност од 474 милијарди долари, забележува Ројтерс.
„Гунвор“ ја повлече својата понуда за средствата на „Лукоил“ во странство откако Министерството за финансии на САД сигнализираше дека има намера да ја блокира трансакцијата. „Карлајл ќе може полесно да добие американска лиценца“, вели Ади Имсировиќ, директор на консултантската компанија „Сари Клин Енерџи“ и поранешен менаџер на одделот за трговија со нафта во комерцијалната филијала на рускиот „Газпром“.
