Американска компанија отвора фабрика во Кичево
Американската компанија за сигурносни производи Key Safety Systems (KSS) ја објави својата намера да го прошири производството во Европа, преку инвестиција во фабрика во Македонија. Компанијата ќе инвестира „браунфилд“ во веќе постоечки капацитет до крајот на годинава и ќе отвори меѓу 800 и 1.000 работни места.
Од средината на 2015 година, пак, планира да изгради нова сопствена фабрика на локација во Кичево. Во почетната фаза во фабриката на KSS во Кичево ќе се произведуваат воздушни перничиња за автомобили, а потоа се најавува и проширување на палетата на производи.
„Планот за инвестиција на КSS во Кичево е во согласност со нашата посветеност да ги снабдуваме нашите клиенти низ целиот свет, преку обезбедување производи со најдобар квалитет, цена и технологија“, вели Џим Скарпа, виш заменик претседател на КSS за глобални операции.
КSS е светски лидер во дизајн, развој и производство на автомобилски сигурносни-критични компоненти и системи, вклучувајќи механизми за надувување, воздушни перничиња, волани и сигурносни појаси. Производите на КSS се дел од повеќе од 300 модели на автомобили произведени од повеќе од 60 високо-диверзифицирани клиенти низ целиот свет. КSS е со седиште во Мичиген, САД со меѓународна мрежа од 29 продажни, проектантски и производствени капацитети кои вработуваат приближно 9.000 луѓе низ целиот свет. Компанијата има 5 главни технички центри лоцирани во САД, Германија, Кина, Јапонија и Јужна Кореа.
Слично
