Америка воведува владино осигурување за бродови: План за слободен премин низ Ормускиот теснец
Министерот за транспорт на САД, Шон Дафи, денес изјави дека САД подготвуваат план за осигурување поддржан од владата за бродовите што минуваат низ Ормускиот теснец.
„Мислам дека наскоро ќе видите систем во кој ќе обезбедиме осигурување за бродовите во Ормускиот теснец“, изјави Дафи за Фокс њуз, пренесува CNN.
Како што истакна, штом ќе биде достапна појасна слика за безбедносните ризици, не само САД ќе учествуваат во ова, туку и земјите партнери.
Дафи рече дека, со воена придружба и обезбедување, нормалниот проток на нафта низ регионот треба да продолжи.
На прашањето колку брзо планот би можел да стапи на сила, Дафи рече дека делот поврзан со безбедноста е веќе готов, додека американската војска ги проценува безбедносните услови за операциите за придружба на бродови.
„Подготвени сме да продолжиме со гаранцијата, подготвено е“, рече тој, додавајќи дека претседателот на Здружениот штаб на американските вооружени сили, генерал Ден Кејн, проценува кога би можела да започне поморската придружба.
„Може да биде за еден ден, може да биде за една недела“, рече Дафи.
Откако САД и Израел започнаа воздушна кампања против Иран на 28 февруари, Техеран во голема мера го блокираше сообраќајот низ Ормускиот теснец.
