„АМЕРИКА Е МОЖЕБИ САМО НЕКОЛКУ НЕДЕЛИ ПРЕД ШОКАНТЕН УДАР“ - бурата што ја започнаа не е добра
Пред пет години, кога пандемијата ја доведе глобалната економија во застој, исцрпените економисти се свртеа кон нови метрики, како што се податоци за мобилност и резервации во ресторани, за да ги следат ефектите од карантинот во реално време.
Сега светот се бори да ја процени штетата предизвикана од флуктуирачките царини на американскиот претседател Доналд Трамп врз кинескиот увоз, при што експертите повторно користат иновативни техники за проценка. Нивните наоди сугерираат дека најголемата економија во светот сè уште не се колеба, но проблемите се на повидок.
Во меѓувреме, беа објавени нови податоци од Бирото за економски анализи на САД, кои покажуваат дека бруто-домашниот производ (БДП) на САД се намалил со годишна стапка од 0,3 проценти во првиот квартал од 2025 година.
Бидејќи трговијата меѓу САД и Кина веќе тоне, Америка може да биде само неколку недели од голем економски шок, според анализата на „Економист“.
Дури и пред да бидат воведени тарифите на 9 април, анкетите покажаа дека американските потрошувачи и бизниси веќе беа загрижени. Производството падна на рекордно ниско ниво за април, според истражувањето на филијалата на Федералните резерви во Далас. Но, ваквите статистики можат да бидат погрешни.
Дали некои алармни ѕвона се лажни?
Американците дозволуваат нивните политички ставови да го „обојат“ нивното мислење за состојбата на економијата. За време на мандатот на Џо Бајден, тие често ја изјавуваа својата ниска доверба, додека во исто време продолжуваа да трошат, што ја направи толкувањето на резултатите помалку предвидливо. Од друга страна, „цврстите“ податоци, како што се проценките за платите и БДП, опишуваат свет кој повеќе не постои - податоците за високата вработеност за март го одразуваат однесувањето на фирмите во време кога прашањето за заканите со царини на Трамп сè уште беше нејасно.
Податоците во реално време имаат за цел да ги избегнат обете стапици преку обезбедување навремена слика за активноста во економијата. Многу индикатори од ерата на пандемијата ковид-19 не се релевантни или повеќе не се објавуваат. Сепак, глобалната трговија е внимателно следена. Бродовите пловат неколку недели пред да пристигнат на нивната дестинација, испраќајќи ја својата позиција до сателитите и давајќи преглед на нивната содржина.
Некои од податоците, пишува „Економист“, би можеле да укажуваат на ограничено влијание на трговската војна досега. Во неделата што заврши на 25 април, 10 контејнерски бродови што превезуваа 555.000 тони стока пристигнаа во пристаништата Лос Анџелес и Лонг Бич - преферираната американска порта за стоки од Кина. Отприлика е исто како и пред една година. Но, како што е наведено, пловењето помеѓу Кина и Западниот брег на Америка трае помеѓу две недели и 40 дена, а многу од товарните бродови што сега пристигнуваат во САД заминаа пред да бидат воведени царините.
Сепак, некои други индикатори изгледаат застрашувачки. Резервациите за нови патувања меѓу Кина и САД се намалија за 45 проценти во однос на истиот период минатата година во неделата што започна на 14 април, според податоците од фирмата „Вижн“. Бројот на неактивни пловидби, кога бродот прескокнува пристаниште или превозникот користи помалку бродови на рутата за да ја изедначи услугата, се зголеми на 40 проценти од сите закажани патувања. Податоците за цените укажуваат дека трговските текови се пренасочуваат.
Според „Фрајтос“, компанија која нуди логистички услуги, цената на превозот помеѓу Шангај и Лос Анџелес се намалила за околу 1.000 долари во изминатиот месец, бидејќи фирмите престанале да увезуваат повеќе од вообичаеното за да ги спречат и избегнат царините. Трошоците за транспорт на стоки од Виетнам до САД се зголемија за сличен износ, што укажува дека увозниците бараат алтернативни добавувачи.
Прашањето е дали некое од овие алармни ѕвона би можело да биде лажно. Податоците за испорака се сезонски и променливи - на пример, падот од 30 проценти на планираните резервации во Лос Анџелес во однос на истиот период од претходната година е во рамките на нормалните неделни варијации, а помалите пристаништа како Сиетл во просек имаат само еден товарен брод дневно.
Неколку дена без пристигнување на брод можеби не се невообичаени. Ниту пак широко користените високофреквентни индикатори сигнализираат дека економијата веќе е во застој. Трошењето преку кредитни картички и создавањето работни места во САД беа приближно исти во април како и во истиот месец во 2024 година, според „Барклис банка“.
Самонаметната „трговска бура“
Но, штетата веројатно доаѓа. Трговските шокови може да потраат некое време за да се одразат низ економијата - некои фирми почнаа да складираат залихи пред да стапат во сила царините.
Побарувачката за царински складишта, кои овозможуваат складирање на стоки во близина на пристаништето, а царината се плаќа дури откако ќе бидат издадени, нагло порасна. Многу фирми избираат да не ги зголемуваат цените - што теоретски би требало да го сторат за да ги рационализираат своите залихи - затоа што се обврзани со постојните договори или сакаат да ги зачуваат односите со клиентите во случај Трамп да се повлече. Сепак, наскоро може да бидат принудени да го сторат тоа.
Неизвесноста создадена од непредвидливата царинска политика на Трамп ги изненади многу бродски компании, вели Питер Санд од „Ксенета“, консултантска куќа за логистика, дури и во деценијата во која се справуваа со вистински катастрофи од пандемијата, блокадата на Суецкиот канал и нападите на Хутите во Црвеното Море.
Тоа ќе има последици врз трговијата и пошироката економија, дури и ако САД ги поништат своите најрестриктивни мерки.
Бродовите што не тргнале на време ќе пристигнат доцна или воопшто нема да пристигнат, залихите ќе се намалат, многу компании ќе ги замрзнат плановите за инвестиции и вработување, а процесот на рестартирање би можел да биде многу бавен. САД сè уште не страдаат од трговската бура што ја предизвикаа и започнаа, но прогнозата за превозот не е добра, заклучува „Економист“.
