Економија, финансии, бизнис

Контакт

Амбициозна програма на власта за изградба на железници: За брзата пруга по 350, за таа од Скопје до Кичево по 50 милиони евра годишно

Амбициозна програма на власта за изградба на железници: За брзата пруга по 350, за таа од  Скопје до Кичево по 50 милиони  евра годишно

Јавното претпријатие за железничка инфраструктура во бизнис планот за 2026 ја објави и долгорочната инвестициска програма, каде што за прв пат се најдоа и најавуваните проекти од новата власт - брзата пруга по Коридор 10 и пругата Скопје - Кичево.

Таму за прв пат се појавува планот за  „Реконструкција на постојната и изградба на нова брза пруга по Коридор X“ од Табановце до Богородица и предвидено е да чини вкупни 1.916.151.000 евра. Изградбата би започнала од 2027 и од оваа па секоја наредна година би се трошеле по 350 милиони евра.

Нагласено е дека средствата се необезбедени, односно дека не е пронајдена финансиска институција како кредитор.. Министерството за финансии претходно упати барање за пројавување интерес до 22 финансиски институции на средината на јуни минатата година. Чекорот следуваше откако земјава во мај потпиша договор за соработка со Велика Британија, според кој официјален Лондон стана гарант на Македонија пред светските финансиски институции за задолжувања за инфраструктурни проекти во вредност до 5 милијарди фунти. Министерството за финансии, заедно со барањето за пројавување интерес, ја испрати и целокупната документација за проектот со која до тој момент располагаше државата. На барањето возвратија 16 финансиски институции, со необврзувачки понуди. 

На 14 август Министерството за транспорт распиша тендер, а потоа потпиша и договор за изработка на техничка документација за пругата вреден околу еден милион евра. Од Министерството за транспорт одговорија дека техничката документација не е поврзана со фактот што финансиските институции пратиле само „индикативни понуди“. Била за потребите на надлежните органи на Велика Британија, која ќе биде гарант на земјава пред кредиторот.

Во „Развојниот дел на бизнис планот 2026-2030“ на ЈП Железници Инфраструктура за прв пат се најде и „Модернизацијата на железничката делница Скопје-Кичево“ со проценета вредност од 327 милиони евра. Изградбата би започнала од 2028-ма и би се исплаќале од околу 32 до 50-тина милиони евра годишно. Нагласено е дека не се обезбедени средства, но дека се чека заем и грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан.

„Постојната железничка линија од Скопје до Кичево е во лоша состојба бидејќи во моментов невозможно е по нејзе да оперираат возови и затоа решивме да ја реконструираме. Ќе се постави модерна сигнализација согласно најдобрите европски стандарди за безбедност и сигнализација и истата ќе ја електрифицираме бидејќи и пругата сега да беше во добра состојба по нејзе би можеле да оперираат само дизел локомотиви. Ова ќе значи подобро поврзување помеѓу Скопје, Јегуновце, Тетово, Гостивар и Кичево.  За истата разговраваме со ЕУ и се договороивме ЕУ да обезбеди грант од 5, 3 милиони евра за физибилити студија со анализа на трошоци и приодбивки,идејни проекти и нацрт текст за инвестициски грант“, рече министерот за транспорт Александар Николоски на прес-конференцијата во Владата во август лани за овој проект.

Како дел од Коридор 8 е предвидена и изградбата на пругата Кичево - Струга со проценета вредност од 426.000.000 евра, но овој проект веќе беше споменат во минатогодишната програма на ЈП Железници Инфраструктура. Првите пари би се потрошиле во 2029, но не е официјализирано финансирањето од ЕУ.

Во новата програма е влезена и последната фаза од Кооридор 8 - пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија. Тоа би чинело 452.610.491 евра, со тоа што кредитот плус грант овој пат е обезбеден од Европската инвестициска банка. Изградбата би започнала во 2027-ма со предвидени 95 милиони евра за таа година.

Во долгорочниот план се и сите три траси од проектот „Градски воз“ со кој граѓани од околните населби ќе патуваат низ Скопје. Засега е постигнат договор за јавна набавка само со изведувач за една траса. За овој проект, кој предвидува расчистување на трасите и изградба на мини-станици, годинава ќе се потрошат седум, а следните две години по 15 милиони евра. 

A.K.

Слично

Поврзани вести