Економија, финансии, бизнис

Контакт

Амбасадорска шесторка во Скопје: Ахмети да заземе став, Заев да се врати во Парламентот

Амбасадорска шесторка во Скопје: Ахмети да заземе став, Заев да се врати во Парламентот

Странските амбасадори не штедеа зборови во критиките кон надлежните, сомневајќи се во нивната посветеност на демократските принципи и вредности на евроатлантската заедници. Тие рекоа дека е неприфатливо однесувањето на владата во однос на прислушуваните разговори. Но, тие силни пораки на западните претставници не допреа до многу граѓани, бидејќи не беа пренесени во целост од сите медиуми.

Денеска амбасадорката шесторка речиси два часа зад затворени врати оствари средба и со коалициониот партнер во Владата, Али Ахмети и од него побараа ДУИ да се заложи повеќе за институциите да обезбедат целосна, транспарентна, независна и веродостојна истрага на содржината и неправилностите од телефонските разговори кои што ги објавува опозицијата.

На ова Ахмети не одговори ништо.

Амбасадорите му порачале на лидерот на ДУИ да заземе став и да влијае за доброто на граѓаните бидејќи ја дели одговорноста за напредувањето на демократските вредности во земјава.

После завршувањето на средбата, на Ахмети „не му се зборуваше“ и повторно ги избегна новинарите, и не одговори дали чувствува одговорност за случувањата во Куманово, но и дали заземањето став кој го бара амбасадорската шесторка од него, значи став околу понатамошното учество на ДУИ во Владата.

Попладнево шесторката амбасадори оствари средби и со опозицискиот лидер, а вчера како што спомнавме имаа средба со премиерот Груевски.

На средбата со Заев, амбасадорите на Германија, Италија, Франција, САД, Велика Британија и на ЕУ  ја повикаа опозицијата да се врати во Парламентот и покрај резервираноста која ја разбираат и потребата опозицијата да биде будна до степен до кога може да ја игра улогата од страна.

Тие порачаа дека парламентот е клучната институција во која опозицијата ќе земе учество во истрагата,  a ги поздравија заложбите на СДСМ за мирен граѓански протест, како и чекорите на претседателот Заев и на партијата, во насока на меѓуетнички соживот, инклузивност, стабилност и безбедност во Македонија.

На вчерашната средба со премиерот амбасадорите уште еднаш ја повторија пораката на разочараност  од отсуството на било каква владина реакција за откритијата на опозицијата и го  предупредија премиерот дека со ваквото однесување е загрозена евроатланската перспектива на земјата.

Од Владата пак, засега нема никаква реакција и коментар на упатените пораки од амбасадорите.

Слично

Поврзани вести