Алтхаузер:Времето е кратко до 5 јуни за да се исполнат услови за фер избори
Малку време останува до 5 јуни за да се исполнат сите услови за фер и кредибилни избори, смета германската амбасадорка во Македонија, Кристине Алтхаузер во интервјуто за Радио Слободна Европа што во целост ќе биде објавено в недела.
Амбасадорката објаснува дека по завршувањето на вкрстените проверки на избирачкиот список, сите партии треба да работат за да има кредибилни избори. Таа вели дека треба да и се даде институционална поддршка на Државната изборна комисија, за да може да си ја заврши работата на време.
„Сега клучната работа е имплементацијата. Тоа е клучното. Понатаму веднаш е потребна јасна методологија за тоа како да се отстрани тоа што нелегитимно е впишано во избирачкиот список. Да заокружам, уште многу работа е потребна“- вели Алтхаузер.
Според неа, преговорите за медиумите треба да бидат рестартирани. Алтхаузер нагласува дека е многу важен квалитетот на изборите.
„Квалитетот на изборите е поважен од датумот, и квалитетот ќе биде измерен врз основа на критериумите кои беа наведени во заедничкото писмо од амбасадорите на ЕУ и САД до премиерот кое датира од 19 февруари годинава. Нашата гледна точка е дека квалитетот на изборите е круцијален, тоа е клучно“- додава амбасадорката.
Таа вели дека во нивен фокус ќе остане избирачкиот список, медиумите и стопирање на политички манипулации со гласачите.
Слично
