Алсат-М: Ндрецај и Бег Ризај меѓу убиените во Куманово
Мирсад Ндрецај познат како командант НАТО и Бег Ризај, алијас командат Бегу, се меѓу 14-те убиени вооружени лица при акцијата на МВР во Куманово, дознава АЛСАТ М. Според последните информации кои ги имаме надлежните македонски служби добиле и официјална потврда за нивниот идентитет. Иако се уште се работи на потврдување на идентитетот на останатите загинати и на уапсените од кумановската група, речиси сигурно е дека полицијата ги има живи или мртви сите 5 лица кои важеа за организатори. Според изворите на АЛСАТ М, кај лидерот на групата Мирсад Ндрецај, командант НАТО биле најдени и неговите лични документи. При крај или завршена е и обдукцијата на останатите пронајдени тела. Но не може да се прецизира колку ќе трае процесот и на официјална идентификација. За овие информации побаравме официјален став од МВР. Од таму, засега не се подготвени да споделат детали. -„Обдукцијата и идентификацијата на телата се врши по наредба на надлежниот Јавен обвинител и не би можеле да ве информираме за детали околу постапката за идентификација на пронајдените тела ... Сомненијата ќе може да ги потврдиме или отфрлиме во оној момент кога ќе заврши целокупната процедура“, рече Иво Котевски- портпарол на МВР.
АЛСАТ М, вчера ги објави и имињата на 28 лица од 30-те кои и се предадоа на полицијата во Куманово. Со голема доза на извесност може да се тврди дека меѓу нив се и останатите тројца водачи- Мухамед Красниќи или командант Малишева, Сами Укшини, командант Соколи и Деме Шеху, познат како Јунику. Укшини може и да се види во последното видео од приведувањето кое го објави МВР. Красниќи и Шеху дале лажен идентет. Информацијата, официјално не ни ја потврдија од МВР, бидејќи се уште ја немаат целосно завршена идентификацијата и на уапсените. Повеќе за ова прочитајте на Алсат-М.
