Економија, финансии, бизнис

Контакт

АЛПИНИЗАМ: Најмалку се вложува во спортот што значи здравје!

АЛПИНИЗАМ: Најмалку се вложува во спортот што значи здравје!
Алпинизот и планинарењето како спорт и како рекреација значат многу напор, вложување, енергија,  но и пари. За многумина искачувањето на највисоките планински врвови е доживување од авантуристичките филмови, но за оние кои сериозно и активно се занимаваат со овој спорт,  значат живот, ентузијазам и мотив повеќе да се освои она за што само може да мечтаат најголемите авантуристи. Младиот алпинист Тоше Велев од Велес ги освоил  сите балкански врвови. За него ноќевањето под шатори на илјадници метри надморска височина, редок воздух и неколку метарски снег е секојдневие. Иако има само дваесет години зад себе реди успеси на кои можат да му позавидат и професионалните  планинари. Вели го сака алпинизмот и адреналинот кој може да го разбере само оној кој ќе застане на врвот на планината покрај развееното македонско знаме. Но забележува дека во алпинизмот како спорт се вложува многу малку. За професионално градење на кариерата, вели  се потребни илјадници евра, физички напор, скапа исхрана,а  сето тоа останува само на волјата и џебот на поединецот. Иако постојано јавноста е бомбардирана од кампањи за здрава исхрана и  спорт кои го подобруваат здравјето, за планинарењето кое е сигурен извор на квалитетен и здрав живот, вели многу малку или скоро и да не се споменува. Спонзори и подршка за ваков вид спорт, додава  алпинистот Тоше Велев, тешко се наоѓаат. Не се вложува во алпинизмот Планината и спортот за него се најважна преокупација. Откако го завршил средното техничко училиште на отсекот информатика во родниот Велес , се запишал на Факултетот за физичка култура, но по шест месеци ги прекинал студиите. Вели парите и желбите не одат секогаш заедно, па поради  недоволно финансиски средства го прекинал студирањето. Денеска целосно е посветен на алпинизмот и планинарењето. “Кај нас во Македонија ретко кој вложува во овој спорт во планинарење, алпинизам. Спонзори ретко се наоѓаат,скоро сите тури и искачувања си ги покриваме сами. Се надевам дека во иднина тоа ќе се подобри. Со алпинизам се занимавам  од 2010 година и почнав  на само 16 години.За неколку месеци успеав да ги искачам највисоките балкански врвови меѓу кои Мусала 2925 м. во Бугарија, Олимп 2918м. во Грција, Вихрен 2914м. во Бугарија. Покрај нив имаше и многу други врвови како на пример Боботов Кук во Црна Гора,  Ботев врв во Бугарија, Црн врв во Бугарија. Во Македонија ги  искачив Кораб, Титов врв, Пелистер, Солунска Глава, Кајмакчалан и други пониски врвови. Веќе следното лето во 2011 година успеав да ги искачам Триглав 2864м. во Словенија, Гран Парадизо 4061м во Италија и Мон Блан 4807м во Франција. Оваа експедиција беше посебно доживување и посебно искуство за мене.  Ја организираше планинарскиот клуб “Кораб  “ од Скопје ”-раскажува алпинистот Тоше Велев. Но тука не запират неговите  желби и достигнувања. Минатата година успеал да го искачи највисокиот врв во Европа – Елбрус 5642м, кој се наоѓа во Русија. Напорните тренинзи со неговиот ментор и инструктор по алпинизам Борче Јовчевски оваа година поставувиле нови предизвици-Алпите. Ниту снегот и острите и непристапни терени на планинските врвови не ги предомислиле Тоше и уште пет македонски алпинисти да ги освојат Алпите. “Ова лето со  алпинистите Бојан, Маја, Александра, Един,Александар решивме да отидеме на Алпи и да го качиме врвот Дуфуршпице кој што е 4634м. Патувавме со кола низ Србија,Хрватска,Словенија па се до границата на Италија со Швајцарија бидејќи планираните врвови се наоѓаа баш на границата. Чекавме за искачување  погодно време три дена, во камп на висина од околу 1000м. Бевме толку време  во шатор, накиснати. Четвртиот ден се отвори небото.Одлучивме да се искачуваме. Прво  стигнавме со жичара до 3 200 метри,  потоа пеш. Имаше магла, стигнавме некако до домот на 3,600 метри. Следниот ден забележавме прозорец, тоа е чисто небо, можност за искачување,  се искачивме на  највисокиот планинарски дом во Европа Маргарита на 4554 м. Јас Бојан и Един одлучивме да го искачиме Цумпштајн. Не е баш лесно за еден ден да се  искачи висинска разлика од илјадници метри.Цумштајн е врв блису домот којшто е висок 4564м. Одењето од 3 600 метри па се до врвот беше по глечер во наврска со јаже бидејќи по глечерот имаше пукнатини којшто беа покриени со снег и лесно може да се пропадне во нив.Успеавме да го искачиме Цумштајн и се вративме до домот Маргарита на 4554 метра. Таму требаше да преноќиме. Ноќевањето таму е тешко бидејќи воздухот е редок, дишењето тешко, главата боли.Надвор не прекинуваше да врне снег. Следниот ден кога се разбудивме надвор имаше уште повеќе нов снег којшто не е стабилен.Поради лошите временски услови и нестабилниот снег решивме да се враќаме назад и врвот Дуфуршпиц да го оставиме за друг пат”-раскажува алпинистот  Велев. Секоја карпа посебно доживување По цел ден пешачење групата се симнала во кампот на 1000 м. Следната дестинација – врвот Триглав во Словенија, искачување по варовничка карпа со јажиња. Исцрпени, со цела опрема, полни ранци тешки и по триесетина килограми, алпинистите не се откажувале од замисленото, иако честопати во прашање биле ставени и нивните животи. “Почнавме со искачување, карпата по состав беше варовник а со самото тоа значи и дека не е стабилна и е многу ронлива се случуваше често пати да  ни се изрони камен и да го стркаламе надоле да го загрозиме животот на тој што е позади нас од нашата екипа. Искачувањето исто така беше напорно ретко каде можевме да направиме пауза и да се напиеме вода да каснеме по нешто.Качувавме цел ден и успеавме да испаднеме од карпата некаде после 12 часа искачување кај 8 часот навечер. Од местото каде што завршува карпата до врвот Триглав имаме уште 2 часа пешачење. Сите бевме исцрпени од 1000 метарската карпа којашто ни одзема многу сила време но не се откажавме и се искачивме на триглав некаде 10-15 минути пред полноќ. Одморивме на врвот се сликавме и се упативме надоле на кај најблискиот дом тоа е уште 1 час и половина пешачење. Во домот стигнавме некаде после 1 и 30 по полноќ и одма на спиење. Следното утро  до колите имавме уште 4 часа пешачење исцрпени и уморни полека се движевме се симнавме и се упативме кон Македонија. Искачувањето на Триглав беше огромно искуство за сите,коешто бара исклучителна спремност како физичка така и психичка, добро познавање на техники и работење со јаже. Ова искачувањето на Триглав можам да го издвојам како најсериозно искачување што сум го имал до сега”-додава алпинистит Тоше Велев. На планина нема импровизации! Според него, во алпинизмот нема импровизации, бидејќи секоја грешка може да значи живот. Природата знае да воодушеви но и да ги казни оние кои ќе им се спротистават на нејзините правила и закони. За него секоја нова дестинација е подеднакво сериозен предизвик за кој напорно се подготвува преку тренинзи на отворено  на карпите во кањонот Матка и Демир капија долги по 300 метри, преку кондициски тренинзи и  трчање по 20 км на ден, до трчање на скали. Тоше Велев знае  за еден час да помине  и по 3700-4000 скали,  да вози точак по стрмни угорни патеки низ нашите планини, да планинари  по македонските  врвови  во зимски услови на температури – 10 до  - 20 степени, да се пробива со тежок ранец   низ снегови над појас. “Во мојата професионална подготовка големо влијание има и исхраната. На големи висини треба да се пијат многу течности до 3-4 литра на ден.Јадевме супи,пиевме чаеви, пиевме вода, чоколатца којшто се лесни и содржат јаглехидрати,суво овошје,јаткасти плодови .Општо земено на исхраната треба да се внимава не само пред одење туку  секој ден. Затоа велам дека се потребни многу пари не само за тренинзи туку секојдневно за да се одржи кондицијата и напорот. Нам спортистите не ни требаат кампањи, совети. Ние вистински знаеме што е правилен и кавлитетен начин на живот и исхрана. Потребна ни е финансиска државна подршка за да го развиваме и унапредиме овој спорт и да покажеме вистински што знаеме”-додава Велев. Иако зад себе ги има освоено највисоките, најрепрезентативните планински врвови на Балканот,  Тоше велев не запира тука. Следнa  дестинација  се снежните врвови на Хималаите. Верува дека спортот на планина кадешто чистата и недопрена природа го сопира здивот,  ќе им овозможи на младите и надежни професионални  алпинисти да го живеат својот сон, а очекува надлежните да најдат начин да го промовираат и разберат како сериозна дејност која ќе ја стави земјава на мапата на успешните алпинисти, рамо до рамо со оние кои ја имаат државната помош за промоција на алпинизмот,  но и на својата земја. С.Б.
Слично

Поврзани вести