„Алкалоид“ суверено владее на пазарот, во што се „вљубија“ инвеститорите?
Повеќе од очигледно е дека „Алкалоид“ е најпосакуваната акција на македонскиот пазар на капитал, финансиски инструмент во кој голем број инвеститори имаат голема , веројатно и најголема доверба.
Фактот дека купуваат акција што носи редовна годишна дивиденда надополнет со фактот дека менаџерите во таа компанија имаат редовна корпоративна практика од своите бонуси да купуваат акции во „Алкалоид“ и фактот дека инвестициските фондови секогаш сметаат на „Алкалоид“ во своето портфолио акции се големи и гранитни аргументи за многумина мали и малку поголеми инвеститори кои пред се бараат доверливост и сигурност при вложувањето. Но тоа проследено со умерени , не високи, но редовни приноси за оплодување на нивните пари. Се согласувате, во моментов единствено „Алкалоид“ ги има сите тие атрибути.
Иако да бидеме искрени, ценовната маргина од 5.500 денари за акција сега беше пријатно мало изненадување за многумина од инвеститорската заедница во Македонија. „Алкалоид“ оваа седмица оствари промет од 14,3 милиони денари и се тргуваше во маргина од 5.252 до 5.500 денари за акција. „Алкалоид“ поставува рекордна годишна цена втора седмица по ред. „Алкалоид“ бележи и континуиран пораст на прометот.
Тоа покажува дека иако има „гладни“ купувачи од другата страна има доволно „среќни“ продавачи!
И уште еден момент што е многу важен, а не смее да остане незабележан и мора да го нотираме за нашите читатели: акцијата на „Алкалоид“ само во петокот последниот трговски ден оствари промет од 7 милиони денари т.е. половина од целиот седмичен промет. И во петокот „Алкалоид“ се тргуваше на цена од 5.500 денари.
Неговата просечна цена во петокот беше 5.478,6 денари. Ова можеби значи дека некој анализирал, следел, проучувал и проценил дека „Алкалоид“ повеќе не треба да се купува само за дивиденда туку можеби и за нешто друго.
Можеби пазарот очекува дека поголеми регионални или континентални институционални инвеститори ќе го стават „Алкалоид“ во своето портфолио. Останува да видиме. До сега од аспект на цени и промет на таа акција нашите прогнози се остварија. Но мораме да имаме во предвид дека доминантноста на „Алкалоид“ во мала, но значајна мерка ја прави и летаргијата и недостигот на информации или деловни практики на другите блу-чип акции на нашиот пазар.
Р.Ф.
Слично
