Алкалоид со зголемена добивка и 115 вработувања во првите девет месеци
Најголемата фармацевтска компанија во земјава и регионот бележи пораст на добивката.
Ова може да се заклучи од објавените резултати за периодот Јануари - Септември 2016.
Неревидираниот и консолидиран баланс на успех на Алкалоид АД Скопје, објавен на Македонска берза, покажува дека остварените единечни вкупни приходи во периодот Јануари - Септември 2016 година изнесуваат 4.950.403 илјади денари.
Споредбено со остварените во истиот период во 2015 година бележат пораст од 5%. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 97%, имаат приходите остварени со продажба на производи и услуги кои во споредба со остварените во 2015 година бележат пораст од 7%.
Како што се наведува во соопштението на фамацевтската компанија која се занимава со производство на фармацевтски, хемиски и козметички производи остварените консолидирани вкупни приходи во периодот Јануари - Септември 2016 година изнесуваат 6.331.952 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2015 година бележат пораст од 3%.
Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 97%, имаат приходите остварени со продажба на производи и услуги кои во споредба со остварените во 2015 година бележат пораст од 5%.
Се додава дека единечните вкупни расходи во периодот Јануари - Септември 2016 година споредбено со оние од лани истиот период бележат раст од 4% и изнесуваат 4.374.695 илјади денари
Што се однесува до инвестициите на Алкалоид во основни средства во периодот Јануари - Септември 2016 година изнесуваат 546.878 илјади денари.
Меѓудругото, фармацевтскиот гигант во периодот од јануари до септември вработил 115 лица.
