Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Алкалоид“ ја зголеми дивидендата за 10 отсто, колкава ќе биде?

„Алкалоид“ ја зголеми дивидендата за 10 отсто, колкава ќе биде?

Предлогот е нето дивидендата да биде 396 денари за секоја акција со право на глас која се поседува заклучно со 19 април. Исплатата на дивиденда ќе биде на 18 мај

Македонскиот фармацевтски гигант ќе подели 396 денари (6,5 евра) нето дивиденда на своите акционери. Тоа е за 10 отсто поголем принос во споредба со последната дивиденда што друштвото ја исплати лани за 2020 година. Ова е предлог одлуката за која ќе ја гласаат акционерите на претстојното собрание закажано за 4 април, објавена на веб страницата на Македонската берза за хартии од вредност.

„Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 03 март 2022 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2021 година во износ од 440 денари бруто односно 396 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 400 денари бруто односно 360 денари нето е поголема за 10 отсто на нето основа, стои во предлог одлуката.

Значи според предлогот бруто износот на дивиденда по акција за лани е 440 денари (нето износот е 396 денари), а доколку го усвојат акционерите, дивидендата ќе се исплаќа на 18 мај. Секоја акција на „Алкалоид“ носи право на дивиденда на сопствениците до 19 април, од следнот ден акцијата се тргува без право на овој  принос.

На последната цена на „Алкалоид“ (денеска акцијата отвори тргување на 17.400 денари) секоја акција на оваа пазарна цена носи нето принос од 2,3 отсто).

„Алкалоид“ континуирано низ годиниве ја зголемува дивидендата што ја исплаќа на своите акционери. Тоа е во комбинација со постојаниот раст на приходи, раст на добивка, освојување нови и зајакнување на позиции на постоечки пазари, се клучните причини за солидната ликвидност на таа акција и за континуиран раст на нејзината пазарна цена.

Како што веќе пишувавме нашиот препознатлив фармацевтски бренд се подобро се позиционира на пробирливите странски пазари. Солидни растови на приходите од извоз во Германија, Украина, Полска, Русија, Чешка, а пробив на „Бекутан“ линијата и на пазарот во Саудиска Арабија.

Вкупниот (консолидиран) извоз на македонскиот фармацевтски гигант „Алкалоид“ достигна 136 милиони евра лани. Во споредба со претходната година порасна за 8 милиони евра или 6 отсто, потврдуваат официјалните податоци од финансиските извештаи за работењето лани на најголемиот македонски извозник на фармацевтски, хемиски и козметички производи. 


Слично

Поврзани вести