Алкалоид“ доминира со промет од 650.000 евра,купувачи ја одбранија „Комерцијална“ на цена од 1.900 денари за акција
Еден или повеќе институционални инвеститори ја одбранија акцијата на „Комерцијална банка“ и не дозволија да падне под 1.900 денари. „Алкалоид“ со промет од над 39 милиони денари што е 74 отсто од целиот седмичен промет
Целосна доминација на акциите на „Алкалоид“ и на „Комерцијална банка“ во структурата на седмичниот промет на Македонската берза за хартии од вредност. И двете го зголемија значително прометот во споредба со претходната седмица, но и двете забележаа значителни корекции на цените во споредба со претходниот период. Се друго што во изминатава седмица се случуваше на нашиот пазар на капитал во седмицата што измина е минорно и маргинално.
Седмицата започна со најава дека се зголемува понудата на акции од „Комерцијална банка“ и во понеделникот таа се тргуваше по цена од 1.950 денари. Во вторник се случи големиот „продор“ во кој акцијата дојде до ниво од 1.900 денари и во овој ден се виде и стана јасно дека некој или неколку значајни „маркет мејкери“ не дозволија акцијата на „Комерцијална банка“ да падне под 1.900 денари за акција. На понуда тој ден беа ставени над 2.500 акции од кои беа купени 2.496 акции до цена од 1.900 денари за акција. Некој постави нова долна цена во ценовната маргина на „Комерцијална банка“ и очигледно беше дека голем и влијателен инвеститор или инвеститори не дозволуваат цената на таа акција да оди под психолошката граница од 1.900 денари за акција.
Битката за „Комерцијална банка“ продолжи и утредента во средата кога беа „апсорбирани“ уште 1.059 акции со проаво на глас по цена од 1.900 денари акција. Веќе во четвртокот прометот значајно се намали и беа истргувани 115 акции, а во петокот воопшто немаше трансакција со таа акција. Во седмицата што измина видовме најниска цена на таа акција во период од безмалку 11 месеци (од 5 мај лани кога акцијата се тргуваше по просечна цена од 1.871 денари). Како и да е и што и да е суштината на случувањата со таа акција во оваа седмица непобитен факт е тоа што некој или некои инвеститори се обидоа да ја намалат цената на таа акција, но се соочија со силна реакција на куповната страна. Во таа „битка на титани“ за наши услови видовме нов важен сигнал за малите инвеститори – цената на „Комерцијална банка“ во овие услови нема да оди под 1.900 денари за акција. Или барем засега изгледа така... Прометот со „Комерцијална банка“ беше 7,65 милиони денари.
Наспроти неа „Алкалоид“ имаше промет од 39,3 милиони денари и ценовна корецкија од 220 денари од 5.300 денари до 5.080 денари за акција. И тоа во седмицата по објавата на веста дека нето дивидендата како предлог пред акционерите е позиционирана на околу 190 денари за акција. Со оваа акција седмицата почна сосема нормално и вообичаено. Понеделничката просечна пазарна цена беше 5.275 денари, но прометот беше низок – само 120 акции. Утредента следеше корекција на просечната цена од 75 денари за трипати поголема истргувана количина. И средата беше денот „Д“ за „Алкалоид“ поминаа 5.135 акции со просечна цена од 5.149 денари за акција за промет од 26,44 милиони денари. Следниот ден прометот падна за безмалку 90 отсто, а падна и просечната цена до 5.100 денари.
Инвеститорите како да се прибраа од овој шок и во последниот трговски ден во петокот ја зајакнаа побарувачката и по истата дневна просечна цена од 5.100 денари за акција се истргуваа тројно повеќе акции од истргуваните во четвртокот што значи дека некои инвеститори ценовната маргина од 5.100 денари ја антиципираат како добра влезна позиција. Останува да видиме како понатаму врз пазарот ќе влијаат политичките случувања во нашата земја и пост-дивидендниот период. Кај акцијата на „Алкалоид“ веројатни се неколку варијанти од кои поизгледни се две: првата е дека овие количества акции се купени од страна на менаџментот во нивната традиционална практика да купуваат акции од своите бонуси. Втората варијанта е дека купувач е некој или некои институционални инвеститори за кои краткорочна долна маргинална цена за „Алкалоид“ би била таа до 5.100 денари.
Р.Ф,
Слично
