Али Ахмети: Горна Република Македонија е прифатливо, а за идентитетот не се преговара
Али Ахмети, Лидерот на ДУИ очекува дека американскиот претседател Барак Обама и грчкиот премиер Андонис Самарас, на средбата закажана за 8-ми август во Вашингтон, ќе посветат внимание и на спорот за името меѓу Атина и Скопје. Ахмети истакна дека лично тој тоа го побарал од американската администрација при неговата неодамнешна посета на САД. „Мора да се реши проблемот со името, инаку ќе останеме изолирани во регионот. Сега е моментот за решение, бидејќи во последните разговори со меѓународните претставници тоа ми беше посочено, “рече лидерот на ДУИ.
Посредникот Метју Нимиц вели Ахмети, дека веќе нема капацитет за изнаоѓање компромис, додека двете засегнати страни Македонија и Грција поради емоциите не можат да размислуваат рационално, затоа е потребна трета страна а тоа е меѓународната заедница која постепено се вклучува во овој спор. Првиот човек на интегративците го повтори јавно искажаниот став дека Горна Република Македонија е прифатлив предлог за нив. Ахмети потенцира дека очекува процесот околу решавањето на овој спор да започне да се движи во позитивна насока, и дека е крајно време за окончување на проблемот кој двете страни го имаат веќе две децении. На прашањето кои се разлики меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ во врска со решавање на спорот со името, Ахмети одговори: „ВМРО-ДПМНЕ не сака јавна дебата за ова прашање, а ДУИ мисли дека е таа неопходна. Разлики има и кога е идентитетот во прашање. После консултациите што ги направивме со повеќе меѓународни центри ДУИ мисли дека не е загрозен идентитетот на нашите сограѓани Македонци, а ВМРО-ДПМНЕ мисли спротивно. ВМРО-ДПМНЕ инсистира на уставното име на државата како дел од решението, а ДУИ мисли дека тоа не води кон решение и дека треба да се бара компромис. Ние не мислиме дека е загрозен и македонскиот јазик“.
Ахмети ги отфрли шпекулациите за реконструкција на владата а неколку пати потврди дека ДУИ е против предвремени парламентарни избори, кои на Македонија ќе и донесат исти изборни резултати а со тоа и непотребно потрошени пари .
