Александар Петрески: 7 години постојано ме чешлаа инспекции!
Поранешниот градоначалник на Охрид Александар Петрески нема да ги коментира најавите за чешлање на неговата работа од страна на полицијата.
„Јас седум години работев под постојана контрола на инспекциските органи, државната ревизија и полицијата кои го проверуваа целокупното работење на локалната самоуправа, но останувам доследен на принципот дека нема да коментирам ништо што е поврзано со работата на општината во првите 100 дена од мандатот на новата градска власт“-изјави за OhridNews поранешниот градоначалник на Охрид Александар Петрески.
Вчера директорот на Бирото за Јавна безбедност Митко Чавков, најави проверка на работењето на екс охридскиот прв човек.
„Има индикации кои укажуваат на постоење криминални активности во работењето на претходната локална власт и поранешниот градоначалник. Засега тоа е во форма на основи на сомневање, но доволно за да се интензивираат нашите активности и да ги продлабочиме истражувањата“, изјави денеска Чавков кој претходно се сретна со актуелниот градоначалник на Охрид Никола Бакрачески кого, како што додаде, го информирал за активностите кои планира да ги превземе полицијата.
Наводно и голем дел од новите директори на охридските јавни претпријатија укажаа на постоењето на големи нерегуларности во работењето на нивните претходници, и неофицијално се споменува дека станува збор за голема финансиска дупка.
Слично
