Алчност или реална криза – Има ли крај на екстремната инфлација?
Инфлација до плафон до крајот на годинава,
догодина пониска но, и натаму повисока отколку трендот во последните пет
години. Ова се барем основните проекции за растот на цените кои не се паметат
на европско тло, единствено со исклучок на Источниот блок и Југославија кога се
распаѓаа социјалистичките и комунистичките режими.
Според статистичките податоци, глобалната инфлација изнесува над 7%, што е рекордно зголемување или за најмалку 50% покачена споредено со стапките во последните пет години.
Од 2017 до 2020 година годишната инфлација на глобално ниво се движеше околу 3% додека пак првите знаци на инфлаторен притисок се почувствуваа при крај на 2021 година.
Тогаш дојде до рестарт на економијата, беа тргнати сите карантини, затворања и мерки на ограничување поради корона-кризата.
Така поради зголемената активност и раст на потрошувачката дојде до раст на цените со глобална инфлација од околу 4,7%. И ова зголемување, иако беше подносливо сепак, ги покажа првите знаци на предупредување дека вишокот на пари во оптек како резултат на државните субвенции и пакети за помош во период на намалена лична потрошувачка и намалени корпоративни трошоци, може дополнително да ги вивне цените во вис.
Тогаш растот на цените беше предизвикан од претходните загуби кои ги претрпеа одредени сектори како туризмот и угостителството, но и во трговијата се бележеа одредени зголемувања на цените поради придвижувањето на економијата.
Здивнавме по пандемијата, но војната ќе не дотолчи?
Не треба да се потцени ниту постојаниот раст на цените на храната во текот на целата 2021 година, предизвикани претежно од застојот на контејнерите за испорака на стоки во Кина и прекините на синџирите на достава на глобално ниво, преквалификувањето на работната сила и недостигот на работници во овие сектори.
Така цените на храната на различни основни производи како пченица, шеќер, маслодајни растенија, и добиточна храна, постојано растеа за неколку процентни поени.
Веќе од пролетта годинава со растот на цените на горивата по руската инвазија врз Украина, и посебно во последните два месеца поради недостигот на електрична енергија, инфлацијата достигна рекордно ниво од 7% во светски рамки.
Сепак, најпогодена е Европа, но не подеднакво во сите држави. Дел од континентот има високи, но прифатливи поскапувања од 7 до 10%, но во најпогодените земји, меѓу кои и Македонија инфлацијата е и над 25%. Неофицијалната инфлација, која најдобро се чувствува преку прехранбените производи, услугите и угостителството се движи и над 40%.
Што понатаму?
Периодот нависоки стапки на инфлација ќе се задржи и во текот на целата 2023 година, а дури потоа ќе се спушти на нивото од околу 3% годишна стапка на инфлација во светски рамки.
Различни економски центри, различни мерки за справување со растот на цените. Дел од експертите сметаат дека и покрај затегнувањето на каматните стапки, резултатите нема да бидат такви какви што ги проектираат централните банки, па така резултати очекуваат со ограничување на потрошувачката, што може да доведе до рецесија и раст на невработеноста.
Економските центри кои се поблиски до левицата, пак сметаат дека главната причина за екстремната инфлација не е ништо друго освен алчноста на корпорациите.
„Корпорациите ги користат зголемените трошоци - на материјали, компоненти и работна сила - како изговор за да ги зголемат нивните цени уште повисоко, што резултира со поголем профит. Ова е причината зошто корпоративните профити се блиску до нивоата што не се забележани во повеќе од половина век“, пишува Роберт Рајх за Гардијан.
Рајх, поранешниот министер за труд и социјална политика во кабинетот на Бил Клинтон и професор на Беркли порачува дека неопходни се поголеми контроли врз цените и посочи дека „профитите, а не платите треба да се контролираат“.
Х.С.