Албанците бараат максимална казна за возачот кој го прегази малиот Алмир
Граѓаните кои денеска во Куманово протестираа поради прегазувањето на 4 годишното дете Алмир Алиу, побараа од политичарите да не ја злоупотребуваат несреќата во политички цели.
Албанците од Куманово бараат максимална казна за возачот кој намерно го прегази Алмир. Детето пред осум дена беше прегазено пред Здравствениот дом Куманово, поради банална расправија на неговите родители и друг човек од Куманово. Од здобиените повреди детето почина во петокот.
Семејството на починатото момче не се појави на протестот. И таткото на возачот кој го прегази детето побара неговиот син да биде казнет и исто така повика случајот да не се злоупотребува во политички цели.
Денешниот протест го организираше здружението Зани (Глас). Во текот на денот се појави и видео снимка со вознемирувачка содржина од инцидентот.
И градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски деновиве апелираше на инцидентот да не му се дава етничка димензија.
Возачот кој го прегази детето е во притвор.
