Албанскиот премиер во Македонија – нема кроење граници, приоритети се ЕУ и инфраструктурата
Синоќа со претставниците на албанските партии, денеска на средби со државниот врв - премиерот на Албанија, Еди Рама во посета на Македонија.
Рама посочи дека евроинтеграциите се важни за регионот и порача дека не поддржува никаква промена на границите. Со премиерот Никола Груевски зборувале за меѓуетничките односи и инфраструктурните проекти. Македонија ја поддржува Албанија во процесот на евроинтеграциите, а добрите односи треба да се интензивираат преку промоција на заедничките сфери на интерес, истакна Груевски.
„Се концентриравме на потребата за интензивирање и унапредување на економската соработка, во патната и железничката инфраструктура, како и на повеќе проекти од областа на енергетиката. Македонија е во длабока фаза на подготовки за изградба на дел од автопатот на Коридорот 8, и сме во фаза на изнаоѓање на решение за негова реализација. Се надеваме дека со заеднички напори на двете страни ќе имаме сè подобра патна инфраструктура помеѓу Република Македонија и Република Албанија“, изјави македонскиот премиер кој додаде дека верува оти сите предизвици во регионот можат да бидат надминати со конструктивна политика во духот на европската соработка и добрососедството.
За Рама пак, добрите меѓуетнички односи се темел на заедничката иднина.
„Секако дека ние чувствуваме вознемиреност во моменти кога се пројавува нетолеранција и насилство од меѓуетнички карактер, сме биле и секогаш остануваме решителни да повикуваме на смирување, зрелост и свест дека добрите меѓуетничките односи ќе влијаат на доброто за секое семејство и поединец. Задолжително е да се сфати дека иднината е заедничка, и заеднички ќе ја градиме иднината во регионот, но и тука во земјата, каде Албанците се државотворен дел и ангажирани во сите политички процеси, и заинтересирани Охридскиот рамковен договор да се имплементира од ден на ден со сè повеќе посветеност и успех", истакна Рама кој посочи дека што поскоро Македонија се интегрира во НАТО и ЕУ, толку ќе биде и подобро за регионот, и за Албанците и за Македонците.
На средбата со претседателот Ѓорге Иванов се разговарало за билатералните односи меѓу двете земји. Иванов ја посочил потребата од што побрзо завршување на Јадранско-јонската магистрала и нејзино поврзување со Коридорот 8, а била спомената и заедничката стратешка цел, членството во Европската унија.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски пак му ја честиташе изборната победа на Рама и му посака успешна работа. На средбата станало збор и за економската соработка и потребата од зголемена активноста во изработка на заеднички проекти на полето на инфраструктурата и енергетиката на двете држави.
Од опозициската ДПА посетата ја искористија за да ја обвинат владата, а посебно ДУИ поради тоа што државни знамиња на Македонија и на Албанија не се поставени пред државните институции и низ улиците во Скопје.
Рама, кој вчера допатува во официјална посета на Македонија, синоќа во Тетово имаше приватна вечера со претседателите на ДУИ и на ДПА Али Ахмети и Мендух Тачи, што е прва средба на лидерите на двете најголеми партии на македонските Албанци по подолго време. По вечерата, преку социјалните мрежи Рама информирал дека станува збор за братска средба.
Слично
