Албанскиот парламент усвои декларација за поддршка на поранешните лидери на ОВК
Албанското собрание денеска изгласа декларација за поддршка на лидерите на ОВК.
Албанското собрание усвои декларација со која изразува поддршка за поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК), против кои Специјализираното обвинителство во Хаг побара казни до 45 години затвор. Документот е изгласан со 92 гласа „за“. Во текстот на декларацијата се наведува дека војната на ОВК била „праведна и легитимна ослободителна борба“, насочена кон заштита на човековите права и самоопределување на народот во Косово. Пратениците оценуваат дека барањата на Обвинителството можат да доведат до „искажување на искривена историска слика“, преку изедначување на, како што се наведува, борбата на ОВК со злосторствата извршени од тогашниот српски режим.
Собранието побара од Специјализираните совети во Хаг да обезбедат фер и непристрасна постапка за Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, со почитување на, како што се наведува, достоинството на ослободителната борба. Во декларацијата се потсетува и на настаните од крајот на 90-тите години, вклучително и интервенцијата на НАТО во 1999 година, која, според документот, ја потврдила легитимноста на борбата на ОВК.
foto Wikipedia/Adnan Asllani
