Албанија станува нов туристички хит на Медитеранот: Нова аеродромска база, даночни олеснувања и инвестиција од 600 милиони долари
Албанија сè повеќе се позиционира како сериозен туристички конкурент на Медитеранот, благодарение на силниот раст на туризмот, новата инфраструктура и големите инвестиции во авио-сообраќајот.
По значителниот раст на бројот на патници на аеродромот во Тирана, во јуни се очекува и отворањето на новата меѓународна аеродромска база во Влора, која ќе стане главна влезна точка за туристите што ја посетуваат јужната албанска ривиера.
Во меѓувреме, нискобуџетната авиокомпанија Ryanair најави дека до 2030 година ќе инвестира околу 600 милиони долари во Албанија, проширувајќи ја својата база во Тирана. Компанијата планира да додаде нови авиони и да отвори десетици нови линии, со цел бројот на патници да достигне над 6 милиони годишно.
Албанија бележи и силен раст на туристичките посети. Земјата од 7,5 милиони туристи во 2022 година стигна до 11,7 милиони во 2024, а во 2025 година примила околу 12,5 милиони странски посетители, што е раст од околу 7 проценти.
Приходите од туризмот исто така значително се зголемиле. Од 2,2 милијарди евра во 2019 година, тие пораснале на 4,5 милијарди евра во 2024 година.
Иако приходите од туризмот се уште се помали од оние во Хрватска, Албанија привлекува туристи со пониски цени и голем потенцијал за раст. Во последните години расте и интересот на инвеститорите, особено во туристичките места како Саранда и Ксамил, каде цените на недвижностите на брегот пораснале и до 58 проценти годишно.
Новата меѓународна аеродромска база во Влора, во која се инвестирани околу 120 милиони евра, ќе има терминал од 22.000 квадратни метри и ќе биде наменета за цивилен, карго и сервисен авио-сообраќај.
Аеродромот во Тирана веќе бележи силен раст и во 2024 година го надмина аеродромот во Белград по бројот на патници, со повеќе од 11,6 милиони патници.
Дополнителен поттик за инвестиции е и даночната политика на Албанија, која нуди данок од 15 проценти на приход од изнајмување и капитална добивка, без ограничувања за странски сопственици на недвижности.
Со новата инфраструктура, растечките инвестиции и агресивната политика за развој на туризмот, Албанија сè повеќе се наметнува како една од најбрзорастечките туристички дестинации на Медитеранот.
Јутарњи.хр