Албанија негира дека нивни борци се борат заедно со Украинците
Aлбанија негира дека нејзини платеници војуваат во Украина.
Албанската министерка за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, ги отфрли овие информации. Таа вели дека тоа е лага создадена од Москва, нагласувајќи дека Албанија стои до Украина и ќе продолжи да работи со сите сојузници и партнери за да помогне да се стави крај на руската агресија.
Москва тврди дека „платеници” од Албанија, Косово и Босна и Херцеговина се борат заедно со украинските сили против проруските бунтовници.
Официјални лица од Албанија, Косово и БиХ ги негираа наводите. Албанија со закон го забрани учеството на свои граѓани, како војници во други земји. Кривичниот законик за учесниците во воените дејствија во странска држава предвидува казна затвор во траење од 10 до 15 години.
Претходно, украинската амбасада во Тирана повика ако има доброволци за да се пријават кај нив.
Инаку, во Украина ќе војуваат над 16.000 странски борци, но тамошните власти не соопштија од кои земји се тие. Русија на 24 минатиот месец ја почна инвазијата на Украина. Украинците тврдат дека убиле над 9.000 руски војници.Фото EPA-EFE/MASSIMO PERCOSSI
