„Албанија не е на продажба“: протести против проектот на Кушнер, се слушнаа и пораки против Израел
Станува збор за проект чија вредност во јавноста се споменува од околу 1,5 до 4 милијарди евра. Дел од странските медиуми пишуваат за проект од околу 1,5 милијарди евра, додека премиерот Еди Рама го претставува како инвестиција од 4 милијарди евра за албанскиот туризам.
Демонстрантите порачаа дека „Албанија не е на продажба“ и побараа запирање на проектот, за кој тврдат дека ќе ја загрози природата и ќе овозможи странски капитал да добие контрола врз едно од највредните крајбрежни подрачја во земјата. Проектот се поврзува со зоната кај лагуната Нарта и островот Сазан, каде се планираат хотели, вили, апартмани и марина.
Дел од пораките беа насочени и против Израел, со слогани како „Israel go away“ и „Our land in Albania is not for sale“. Тој агол се поврзува со Кушнер, американски бизнисмен од еврејско потекло, поранешен висок советник во Белата куќа и човек со силни политички врски со американската политика кон Израел и Блискиот Исток.
Еколошките организации предупредуваат дека проектот се турка без доволно транспарентност и јавна расправа, во област со голема природна вредност. Според странските медиуми, албанските антикорупциски органи веќе испитуваат прашања поврзани со законските измени и статусот на заштитените подрачја.
Рама останува на ставот дека станува збор за историска инвестиција. Противниците, пак, велат дека Албанија ризикува да ги жртвува природата, земјиштето и јавниот интерес за елитен приватен бизнис поврзан со највисоките кругови на американската политика.
