Aлбанија ќе прими околу 4.000 Авганистанци
Албанија ќе ги прими повеќе Авганистанци од претходно најавеното.
Ако се споменуваа 2.000 до 3.000, сега се зборува за околу 4.000 бегалци. Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за „Си-ен-ен“ го потврди ова. Рама изјави дека неговата земја треба да обезбеди засолниште и доверба за бегалците во период на криза.
„Не се работи за вера или боја, се работи за луѓе, треба да им дадеме засолниште. Како можеме да им дозволиме на овие луѓе да умрат? Како да им ја затвориме вратата? Работиме да ги примиме, ќе има околу 4.000 од нив“, рече Рама, пренесуваат албанските портали.
Тој посочи дека одлуката на албанската влада да им помогне на Авганистанците не е од религиозна природа, додавајќи дека фактот дека Албанија и Авганистан се претежно муслимански земји, нема влијание врз одлуката.
„Јас сум католик. Мојата сопруга е муслиманка. Двете постари деца се православни. Нашиот најмлад син, ако сака, може да избере да биде од еврејска вера. Тоа се луѓе без оглед на бојата на кожата, културата или верата“, додаде тој.
Рама вели дека ако Европската Унија и САД одлучат да ја повлечат поддршката за авганистанските бегалци, Албанија нема да го направи тоа, туку ќе им обезбеди азил.
Во Македонија ќе бидат примени 780 Авганистанци, а бегалци ќе прими и Косово.