Албанија и Црна Гора се приклучија кон европските санкции за Русија, а Македонија?
Албанија и Црна Гора, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Молдавија се приклучија кон санкциите што Европската унија ги воведе кон Русија заради случувањата на Крим.
Ова го објави високата европска претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, нагласувајќи дека овие земји одлучиле да ја следат политиката на ЕУ и да го усогласат сопственото законодавство за имплементација на санкциите.
„Европската унија ја прима на знаење ваквата посветеност и ја поздравува“, соопшти Ештон.
Иако се земји-кандидатки за членство во ЕУ, Македонија, Србија и Турција засега не го следат овој чекор. Нема најава дека Македонија би можела да се приклучи кон санкциите. Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска е во Брисел, на средба со еврокомесарот за проширување Штефан Филе, но според официјалното соопштение, разговарале единствено за процесот на Пристапниот дијалог на високо ниво.
Санкциите што ги наметна ЕУ вклучуваат замрзнување на имотите и забрана за патување на лицата кои ќе се идентификуваат како одговорни за злоупотреба на украинските државни фондови и за прекршување на човековите права во Украина.
Членството во ЕУ и НАТО се најважни приоритети за Македонија, но со оглед на закочените евроатлантските интеграции, во земјава сè погласно се споменуваат можностите за свртување кон источните партнерства и пазари. Позицијата на земјава е особено чувствителна и заради фактот што Русија е една од членките на Советот за безбедност на ОН и првата голема сила во светот која ја признава Македонија под уставното име. Но земјава традиционално има блиски и пријателски односи и со Украина, која исто така нè признава под уставното име и со која, меѓу повеќето билатерални договори, имаме потпишано и Договор за пријателство и соработка во 1998 година.
Повеќе за позицијата на Македонија и на Балканот кон украинската криза на следниот линк:
Може ли Македонија да искористи од судирот на големите сили за Украина?
Слично
