Албанците ќе се жалат на одлуката на УЕФА, Србите сега ја разгледуваат
Огромно незадоволство кај албанските навивачи предизвика одлуката на УЕФА за прекинатиот квалификациски натпревар Србија - Албанија, со која натпреварот е регистриран со службен резултат 3:0 во корист на Србите.
Ултрадесничарската партија Црвено-црна алијанса како главен виновник за ваквата одлука го смета првиот човек на УЕФА Мишел Платини, за кого вели дека е „српски син“.
Од оваа партија повикуваат на протести против одлуката на УЕФА во Швајцарија и во Брисел и сметаат дека ваквата пресуда е резултат на поддршката што Србија му ја дала на Платини при неговиот избор на функцијата.
„Албанија треба да се повлече од квалификациите за Европското првенство. Само повлекувањето ќе го врати достоинството на албанскиот народ и ќе биде знак на протест против нашите непријатели“, стои во соопштението на радикалната десничарска партија.
И албанскиот премиер Еди Рама смета дека одлуката на УЕФА не е праведна.
„Фудбалскиот сојуз на Албанија ќе направи добро ако отвори судска постапка до крај. Денеска немаше правда за она што се случи на стадионот во Белград. Напред Албанија!“, напиша Рама на Твитер.
Но, и Србите немаат многу причини да бидат задоволни. Иако натпреварот беше регистриран во нивна корист, тие веднаш ги загубија трите бода како казна, а и следните два натпревари од квалификациите дома ќе ги играат без публика. Освен ова, и српскиот и албанскиот фудбалски сојуз ќе мора да платат парични казни по 100.000 евра.
Фудбалскиот сојуз на Србија се уште не одлучил како ќе реагира на одлуката на УЕФА и дали ќе го искористи правото на жалба. Највисоките органи на ова тело заседаваат попладнево на итна седница за да ги разгледа досудените мерки.
Слично
