Аларм од Европа, Лагард предупредува : Инфлацијата повторно се заканува поради кризата на Блискиот Исток
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, предупреди дека ризиците за инфлацијата во еврозоната се зголемуваат, пред сè поради конфликтот на Блискиот Исток, кој носи дополнителна неизвесност за глобалната економија.
Во изјава по состанокот на Меѓународниот монетарен и финансиски комитет во Вашингтон, Лагард истакна дека неизвесноста околу инфлацијата значително се зголемила, особено на краток рок, додека среднорочните ефекти ќе зависат од тоа колку долго ќе трае и колку ќе ескалира конфликтот.
Таа нагласи дека Европската централна банка засега нема да носи итни одлуки за каматните стапки, туку внимателно ќе ги следи ефектите од растот на цените на енергенсите и глобалните тензии врз економијата.
Инфлацијата во еврозоната и натаму е над целното ниво од два проценти, поради што дел од инвеститорите не ја исклучуваат можноста за ново зголемување на каматите во текот на 2026 година.
Лагард оцени дека економските услови во Европа во моментов се „меѓу основно и негативно сценарио“, со изразена ранливост на енергетски шокови и глобални пореметувања.
Таа дополнително предупреди дека трговските тензии, послабата потрошувачка и нарушувањата во синџирите на снабдување може дополнително да го забават економскиот раст и да ги зголемат инфлаторните притисоци.
Во тој контекст, Лагард потенцираше дека Европа мора да ја намали зависноста од фосилни горива и да ја зајакне економската отпорност во услови на сè понестабилна глобална средина.
