АКЦИЈА КУМАНОВО: Големи и недозволиви пропусти!
Експерти, новинари, разузнавачи, политичари, поранешни полицајци, во изјавите за „Фактор“, речиси сите се согласуваат дека акцијата на полицијата во Куманово има големи и недозволиви пропусти. И тоа од самиот почеток, уште пред да почне акцијата, па се до нејзиното привршување.
Лошо водена акција!
Снежана Лупевска новинар на Телма: „Зачудува фактот што повторно потфрлија безбедносните служби. Како можеле професионалците и од Агенцијата за разузнавање и оние од УБК да не дознаат дека волкава терористичка група е во Куманово!
Зошто дозволиле да се закотват во населба каде може да страда и локалното насление? Зошто акцијата и по 24 часа не може да заврши.Многу многу нејаснотии околу целата ситуација на теренот.
По толку години од кризата ова за мене беше шок. Знам дека сме земја каде преку ноќ може да се влијае на безбедноста но не очекував дека ќе известувам за ваква криза. Особено ме погодува фактот што има петмина мртви полицајци над 30 ранети. Локалното население беше речиси 15 часа изложено на тоа да слуша престрелки и да гледа акција. Лошо водена акција и лоши последици“, смета Лупевска.
Полицајците како глинени гулаби
Илија Николовски, генерал во пензија, кој во 2001 командандувал со Вториот армиски корпус, вели дека амбиентот во 2001 многу се разликува од сегашниот:
„Не може да се каже дека постојат услови овој инцидент и конфликт да успее. Нема да успее затоа што стратегиски интерес на Албанците и во Македонија, во Косово и пошироко, е да има мир и стабилност во регионот, да не бидат тие дежурни виновници за стабилноста. Напротив - нивен стратегиски интерес е Косово и сите други делови да бидат мирни и стабилни“, оцени Николовски во изјава за телевизијата Канал 5.
Тој ја анализира и оценката на повеќе експерти дека се работи за платеници.
„Во оваа тешка економска криза во регионот, кога има платеници кои одат во Сирија и Авганистан и други земји, многу полесно е да дојдат да дејствуваат и во Македонија за одредена сума и потоа да се повлечат. Не знам кој е организаторот и кој ја контролира оваа криза, но имам чувство дека организаторот некои работи не ги предвидел и дека работите му излегле од контрола. Не сакам ни да помислам дека некој ја провалил полициската акција, но според бројот на жртвите кои се најавуваат, сакам да го изразам моето жалење дека некој полицајците ги изложил како живо месо“, изјави Николовски.
Среќа што граѓаните не ги поддржаа активностите
Павле Трајанов: „Генерално, ова е обид за дестабилизација на Македонија и нарушување на безбедноста. Се работи за терористички групи кои ја загрозија стабилноста на Македонија. Исто така, важно е да се истакне дека граѓаните не ги подржаа овие активности и мислам дека нема да дојде до нарушување на меѓуетничките односи. Очекувам сега безбедносните служби на чело со МВР да ја расчистат компелтно работата. Она што можам да го истаканм е дека се забележливи одредени пропусти на оперативните служби, со што се добива впечаток дека полицијата е практично голо изложена на стрелба. Не можам и не сакам да навлегувам во разно разните шпекулации за сценаријата за овој немил настан. Сепак, треба да почекаме да се стабилизира целата ситуација, затоа што има една нејасна работа, а тоа е што не се знае кој стои зад овие терористички групи и кои се нивните цели.
Не смееше да се оди во акција без претходно преземање на други чекори
Јанко Бачев: бројот на загинати полициски специјали остава впечаток дека имало пропусти во полициската акција, бидејќи, во такви акции кога МВР е во доминантна предност со информациите за терористичката група, истата се решава речиси без жртви на страната на безбедносните сили, или, евентуално со цивилни жртви кои, сега, модерно се нарекуваат колатерална штета. Со оглед на официјална потврда од МВР дека терористичката група е од соседна држава, според мене, добар тактички приод би бил кога македонските власти во согласност со своето меѓународно правно-признато право (член 34 и 35 од Повелбата на ОН) би му обрнале внимание на Советот за безбедност или на Генералното собрание на Обединетите нации за овие загрозувачки настани по мирот и безбедноста, односно, да се побара седница на Советот за безбедност на ОН да расправа по ова прашање, со цел, лоцирање на одговорност кај соседната држава.
Неуспех на безбедносните политики
Перо Димшоски: Најважна констатација е таа дека овие настани најдобро го покажуваат неуспехот на безбедносните политики на Владата на Груевски. Евидентно е дека мала земја како Македонија, која излезе од тежок конфликт во 2001 година и која географски е лоцирана во поширок регион на политичка нестабилност ја запостави безбедноста и одбраната. Наместо да ги зајакнува секторите на безбедност и одбрана, во изминативе десет години буџетските средства беа пренасочени кон проектот Скопје 2014 каде бесмислено се потрошија повеќе од половина милијарда евра, но и поради тој проект се изгубија и грантови од билатералната помош во исто толкав износ. Значи проектот Скопје 2014 изеде повеќе од 10 годишни буџети на Министерството за Одбрана! Ова е резултат на политиките на Никола Груевски.
Доколку Македонија имаше соодветен безбедносен систем ќе беше невозможно да добро вооружена група од 40 члена ја премине незабележано и непречено државната граница и се пробие до вториот по големина македонски град каде сега води улични борби со полицијата, како да сме во Сирија или Либија, кои се тотално колабирани држави.
Г.Ч.
Слично
