Економија, финансии, бизнис

Контакт

Акција и реакција по денешните собири на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Акција и реакција по денешните собири на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

По денешната „17 Бомба“ на СДСМ од Прилеп, владеачката партија искочи со соопштени кое ви го пренесуваме во целост, како и реакцијата на СДСМ на народниот собир на ВМРО во Тетово.

ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција го оценува како погрешен изборот на СДСМ Сашо Велески, претседател на нивната општинска организација во Прилеп,  да ја одржи денешната прес-конференција во градот, бидејќи велат, додека 20.000 прилепчани останале без работа, тој се збогатил во време на транзицискиот мрак и апашката приватизација во Македонија.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Велески учествувал во раскрчмувањето на некогашниот прилепски гигант АД Микрон, така што, наведуваат, во 2003 година како дел од менаџерскиот тим, заедно со стечајниот управник ја ликвидирале фирмата и отпуштиле 350 вработени, а стечајниот менаџерски тим си отворил нова фирма Микронтеч со основен влог од 3.000 евра. Во соопштението се додава и дека, Велески од 2001-2005 бил назначен за директор на ново претпријатие-регионална депонија, кое никогаш не профункционира, а во годините кога Прилеп имал голем проблем со водоснабдувањето за време на владеење на СДСМ, бил член на УО на Студенчица.

„Во времето на СДСМ Прилеп беше заборавен град од страна на власта, со прст не се мрднуваше за прилепчани. Додека пак во време на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп се реализирани и ќе се реализираат повеќе капитални инвестиции, стои во соопштението при што се набројуваат и реконструирањето на дел од болницата во Прилеп, која оваа година ќе биде целосно реконструирана, субвециите од 20 милиони евра годишно за прилепските земјоделци, изградбата на новата општинска зграда, новата автобуска станица, како и проблемот со водоснабдувањето, кој е решен со изградба на 150 километри водоводна мрежа и нови бунари“.

Во тој контекст се спомнуваат и неколкуте странски инвестиции кои изминатиов период влегоа во Прилеп, а кои ќе придонесат, се вели, за над 4.000 граѓани да си обезбедат егзистенција, како што американските Гентерм и Дупонд, германска Акомпласт и италијанската фабрика Бузи и Бузи, како и влезот во Тутунскиот комбинат на светскиот гигант Филип Морис.

„Ние и понатаму ќе продолжиме да ја сакаме Република Македонија со дела и ќе продолжиме да работиме за потребите на граѓаните. Народот е свесен кој одработува за туѓи и лични интереси, а кој работи за интересите на граѓаните и за интересите на својата држава“, стои во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ.

Исто така денеска и СДСМ имаше реакција по народниот собир на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово во кое се вели: 

Никола Груевски е уплашен од будењето на граѓаните и силната поддршка за вистината. Дури и обраќањата пред сопственото членство, принудено да дојде и да го слуша, ги завршува со повици за кревање глава.

Македонија одамна крена глава а тоа најмногу го плаши овој човек, целосно изгубен, потонат во сопствените лошотии. Разоткриен е.

Граѓаните го видоа и многу добро го препознаваат ова мрачно, нечесно лице на вистинскиот Никола Груевски и застанаа против неговото дрско, криминално и коруптивно владеење.

Нема поголемо велепредавство на сопствениот народ, од тоа со години да го лажеш, да го манипулираш, да го притискаш, да го третираш како „човече“.

Нема поголемо предавство за сопствената држава од тоа на граѓаните да им ја одземеш слободата и правото за правдина.

Нема поголемо предавство од тоа да ја злоупотребиш власта, и, додека народот едвај преживува ти да приграбуваш богатство.

Од милионските провизии до парцелите на Водно, нема крај на листата на криминалот и корупцијата на овој човек во заминување, стои во писмената реакција на СДСМ.

Слично

Поврзани вести