Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ако војната заврши, пари ќе има: Што би значел мирот во Украина за светската економија?

Ако војната заврши, пари ќе има: Што би значел мирот во Украина за светската економија?

Војната во Украина значително ги наруши глобалните енергетски пазари. По февруари 2022 година, беше забележано силно зголемување на цените на гасот, ненадеен скок на цените на електричната енергија и сериозни проблеми во снабдувањето со нафта, пренесува Оslobodjenje.

Евентуалниот крај на војната во Украина е меѓу најзначајните глобални настани што би можеле да го преобликуваат текот на глобалната економија, енергетските пазари, трговијата и инвестициите. Иако преговорите остануваат неизвесни, сè повидливите дипломатски случувања го поставуваат прашањето како би можел да изгледа светот по завршувањето на еден од најголемите европски конфликти во последните децении.

Економските проценки сугерираат дека крајот на конфликтот би предизвикал моќен бран промени, вклучително и слабеење на цените на енергијата, забрзување на растот во европските економии и пренасочување на капиталот кон обновата на Украина.

Мировниот договор би можел да донесе пад на цените на гасот во Европа, бидејќи дел од транспортните правци повторно би биле во функција, а ризикот од прекини во снабдувањето би исчезнал. Стабилизацијата на цените на нафтата би била можна поради исчезнувањето на геополитичката премија што влијае на цената на барелот денес. Ова, исто така, би го намалило инфлацискиот притисок во Европската Унија(EУ) и Соединетите Американски Држави(САД), бидејќи енергетските производи играат клучна улога во вкупните цени.

За време на војната, Европската Унија се соочи со рекордно високи цени на енергијата, слабеење на индустриското производство, затворање на фабрики и пад на конкурентноста, особено во Германија.

Крајот на војната би можел да донесе побрзо закрепнување на економијата на Еврозоната, особено за индустриски силните земји како што се Германија, Австрија и Италија. Исто така, би се очекувал раст на извозот, бидејќи цените на енергијата и транспортот би биле пониски, како и помал притисок врз државните буџети, кои во претходните години издвојуваа милијарди за субвенционирање на електричната енергија и гасот.

Компаниите од металуршкиот, хемискиот и автомобилскиот сектор би можеле повторно да ја зајакнат својата позиција на светскиот пазар.

Војната во Украина предизвика прекини во снабдувањето со клучни суровини, вклучувајќи житарки, метали, ѓубрива и енергија.

Крајот на конфликтот би овозможил нормализација на глобалните синџири на снабдување, намалување на цените на храната, пад на трошоците за морски и копнен транспорт и забрзување на трговските текови меѓу Европа и Азија.

Ваквите случувања дополнително би влијаеле врз слабеењето на глобалната инфлација, што би отворило простор за централните банки побрзо да ги намалат каматните стапки, а со тоа и поевтини кредити за граѓаните и економијата.

Се проценува дека на Украина ќе ѝ бидат потребни помеѓу 500 и 700 милијарди долари за реконструкција. Овој процес би отворил значајни можности за компании од градежниот сектор, енергетиката, железницата, телекомуникациите, земјоделството и банкарството.

Инвестицискиот циклус во Украина би бил еден од најголемите економски потфати во Европа од крајот на Втората светска војна.

Крајот на војната би имал влијание и врз новите политички и економски односи. Европската Унија би добила посилен источен пазарен блок, кој би ги вклучувал Украина, Молдавија и Западен Балкан.

Русија сè повеќе би се свртила кон Азија, додека Европа би продолжила со забрзаната диверзификација на енергетските извори. Односот меѓу Соединетите Американски Држави и Европската Унија би бил постабилен поради исчезнувањето на главниот извор на геополитички тензии.

За светската економија, ова би значело намалување на неизвесноста и постабилна инвестициска средина.

фото Фејсбук/Володимир Зеленски

Слично

Поврзани вести