Ако војната потрае, украинските бегалци веројатно ќе станат евтина работна сила во Полска и Словачка
Ако војната во Украина потрае, големи се шансите дека луѓето кои заминаа како бегалци во Полска, Словачка и во други земји, ќе станат евтина работна сила и ќе ги пополнат работните места за кои претходно работодавачите барале или „увезувале“ работници.
Двете наведени земји, како и многу други на европско тло имаат потреба од стручна работна сила. И досега Полска имала голем број на украински работници, од кои дел легално, а дел на „црно“ работеле во земјата.
„Ако кризата потрае, бројот на бегалци во Полска е голем, и не верувам дека ќе биде лесно таа маса на луѓе да ја издржуваат, и можно е да најдат работа, посебно за тешка физичка работа која другите ја одбегнуваат. Западна Полска е побогата и во поголемите градови може да се најде работа, и подобро плаќаат. Стандардот е двојно повисок од македонскиот, а подобар е и од украинскиот. Знам дека Украинците и претходно доаѓаа во Полска за да работат, а потоа се враќаа назад во својата земја. Исто и Белорусите кои се сиромашни одат во Полска поради работа. Од она што сум го слушал, украинските работници важат за работливи луѓе. За работа важно е да го знаат полскиот јазик, но мислам дека тие полесно би го научиле отколку ние на пример. Но, од друга страна, во Полска даноците се високи, така што работниците најчесто ги ангажираат со некоја форма која е слична на договор на дело“, вели Македонец кој претходно работел во Полска.
Донка Спасовска од агенцијата за посредување при вработување „Хоризонт“ објаснува дека поради бегалската криза ќе има осцилации на пазарот на труд, и можно е евтината работна сила да биде уште поевтина. Таа вели дека ако подолго се задржат во туѓа земја, Украинците ќе мора од нешто да егзистираат.
„Ќе дојде и до тој момент, евтината работна сила да стане уште поевтина, затоа што секоја социјална ставка која државата ја дава е привремена, се трошат пари од буџетот. И претходно Украинците работеле во Полска, и пред оваа криза, додека пак фирмите од Чешка кои досега „увезувале“ работници од Украина, сега се насочуваат да бараат кадри на Балканот, во Македонија, Србија, БиХ“, вели Спасовска.
Словачка пак е земја која и претходно регрутираше работници од странство, конкретно од Балканот, за работа во фабрики за автомобилски делови. Според податоците на Евростат, кои се објавени во јануари годинава, Полска има минималец од 655 евра, а Словачка е со минимална плата од 646 евра. Според податоците на ОН, над 2,95 милиони Украинци ги напуштија своите домови, а повеќе од 1,8 милиони влегоа во Полска. Други отпатуваа во Унгарија, Романија и Словачка. Германија ги повика другите европски земји да примат повеќе украински бегалци.
Сања Атанасовска
foto EPA/ ANDRII NESTERENKO
