АКО ВЕЌЕ ПУШИТЕ….Се надеваме дека НЕ ГИ КУПУВАТЕ овие цигари!
Електронските цигари содржат десет пати повеќе канцерогени материи од обичниот тутун, утврдиле јапонските научници.
Ова откритие претставува последниот во низата удари на производот кој некогаш беше фален како помалку штетен од пушењето.
Електронските уреди, се’ популарни во светот, особено меѓу младите, дејствуваат така што се загрева ароматизирана течност која содржи никотин, а пареата што се создава се вдишува како кај обичните цигари, но без создавање чад.
Научниците кои ги ангажирало јапонското министерство за здравство откриле канцерогени состојки, како што се формалдехидите и ацеталдехидите во пареата којашто ја создаваат неколку видови течности за електронските цигари, соопшти министерството во Токио.
Формалдехидот, кој е присутен во течностите за балсамирање и во градежните материјали, го имало во многу поголеми концентрации од оние во чадот од обичните цигари, велат јапонските научници.
„Во еден вид електронски цигари, научниот тим откри повеќе од десет пати поголемо ниво на канцерогени супстанции отколку во обичните цигари. Особено големи количествата од тие штетни материи се произведуваат кога ќе се прегрее жицата којашто ја претвора течноста во пареа“, вели за AFP научникот Наоки Кунугита, додавајќи дека количеството на формалдехидите варирало во текот на анализите.
Кунугита и неговиот тим од јапонскиот Национален институт за јавно здравје порачуваат дека електронските цигари не се толку безопасни, како што многу луѓе веруваат.
Едно претходно истражување на Росвел Парк институтот за канцер во Њујорк, покажа дека начинот на кој честиците се иситнуваат во е-цигарите може да го иритира белодробното ткиво и да предизвика болести.
Честиците во обичните цигари имаат средна големина од 0.3 до 0.5 микрони, но во е-цигарите тие се многу помали – од 0.18 до 0.27 микрони. Тоа значи дека честиците можат да стигнат длабоко до белите дробови и да се вгнездат во алвеолите (малите воздушни меурчиња во кои се одвива размената на кислород и јаглероден диоксид) и да предизвикаат штета.
Слично
