АКО СВЕТОТ БИДЕ ЕКОНОМСКИ ПОДЕЛЕН НА ДВА ДЕЛА - КАКО ВО 2023?
На крај сме на уште една тешка година. Иако ветив повеќе, годинава зад себе оставам помал број срочени писанија. Ова, подразбира многу обврски кои го „украдоа“ времето за пишување. Но, како и да е сакам да верувам дека барем неколкумина од читателите и дел од чинителите во општествено-политичкиот живот имаа полза од ваквите лични анализи. Ако инспирирав и мотивирав некого, барем за малку, јас сум среќен. Кога сме кај среќата, знаете, има една изрека, па вели: „Со среќата се раѓаме и со неа го живееме животот. Но, за да бидеме среќни треба и да веруваме дека сме среќни. Затоа сите убави мисли за среќата потенцираат дека таа е прашање на избор и волја, а не толку на судбината на животот.“ Судбината, пак, е прилично предвидлива работа. Колку повеќе се обидуваме толку е поверојатно дека ќе имаме позитивен исход од животот. Од друга страна, не само во македонското општество, туку насекаде, денес, човештвото се наоѓа на нај интензивното ниво на желбите, какво што досега не е забележано во минатото. Ете затоа, принудени сме да признаеме дека денес нашето незадоволство е многу поголемо од кога и да е, иако имаме многу повеќе од нашите татковци и дедовци. Токму контрастот меѓу тоа што сега го имаме и нашето растечко незадоволство, ја продуцира оваа современа општествена криза на изобилство од несреќни луѓе. Колку поегоистични стануваме, толку попразни се чувствуваме, и таквата општествена криза се продлабочува.
Пред некој ден, на роденденот, пред мене имав колач-торта со свеќа врз неа, а некој од колегите ме праша: „Си замисли ли желба?“. Реков да. Иако не ја споделив со нив, еве сега ќе ја споделам со Вас, читателите на „Фактор“. Посакав да сум среќен. Имено, ако сите си посакаме да сме среќни и веруваме во тоа, само така ќе бидеме многу подобро општество од сега. Во таа насока, мојата честитка во новата година, до сите Вас, ќе биде - Ви посакувам да сте среќни. Само тоа. Како што рекол Џон Ленон: „Кога имав пет години, мајка ми ми рече дека среќата е клучот на животот. Кога тргнав на училиште, ме прашаа што сакам да бидам кога ќе пораснам. Напишав - Среќен. Ми рекоа дека не ја разбрав задачата, а јас им одговорив дека не го разбираат животот.“
На почетокот на годинава, оптимистичен, силно верував дека конечно македонската држава и економија излегува од состојбите на акомодативност. За жал, не беше така. После две тешки години на пандемија, исполнети со копнеж за нормален живот, дојде и украинската војна како маргинална (дополнителна) мачнина на човештвото. Поточно, на почетокот на оваа година, добро помнам, крајот на февруари, со воведувањето на меѓусебните санкции (запад-исток) светот влезе во трета, но сега економска светска војна, а сето тоа е поради започнувањето на конфликтот во Украина. Тоа е проблемот за состојбите во економијата денес. Практично, ако сме објективни, мора да признаеме дека состојбите на нарушената понуда или т.н. тесни грла на синџирите на снабдување како резултат на кризита со пандемијата од една, и состојбата на драстично поскапување на енергенсите и храната како резултат на украинската војна, од друга страна, се главни виновници за состојбите на регионалната, па и македонската економија, денес. За да одиме понатака, ние, како мала економија со лоша структурна поставеност, имаме на дофат само една стратегија: да ја менувам структурата на нашата економија. Можеме ли? Да, ако веруваме во тоа и највеќе ако за тоа има политички консензус. Прво, мора да поченеме сами да си произведуваме храна и да си обезбедиме електрична енергија. Второ, може да биде се друго.
Сум на мисла дека покрај многуте неизвесности кои би преовладувале во новата 2023 година, едно е извесно. Светот ќе биде економски поделен на два дела. Од тоа, назад враќање нема да има. Преостанува живот во таков Свет. Резултанта - сите ќе изгубиме по нешто, а по нешто може и да добиеме. Инфлацијата, за жал, е состојба на новото време. За да ја стигнеме, таа ќе бара висока продуктивност за новите работници во националните економии. Оттука, само економиите кои ќе имаат високо продуктивни работници „војници“ ќе ги добиваат следните битки во економијата. Клучно, тука, ќе биде времето потребно за преобразба (читај: трансформацијата на суровини, енергенси и начини на производство на енергија). Тоа е проблемот за состојбите во земјите од еврозоната, па и за нас.
Во насока на видиците за македонската макроекономија, што ни е во фокусот, како што започнав во годинава, така и ќе завршам. Имено, тогаш, на почетокот на конфликтот, кога сите бевме во грч (24-ти февруари), а еве и ден денес, може да се забележи дека јавно достапните показатели говореа за мали директните трговски и финансиски врски со Русија и Украина, па оттука, ефектите од конфликтот таму, кај нас беа индиректни. Преку понискиот раст на Германија, како наш главен трговски партнер, со особен осврт на покачувањето на цените на примарните производи, нафтата и енергенсите. Но, гледаме дека таквите влијанија, кои навидум беа индиректни и мали, ден денес имаат силен негативен одраз во економијата. Зошто? ММФ, во октомвриските проекции ја позиционира германската економија во рецесија, во 2023 година. Исто така, тоа ќе биде состојба и за целата ЕУ.
Во вакви околности, ако се размислува оптимистично, може да ја поставиме следнава теза: Дали, неповолните состојби на Истокот, тука мислам за фабриките - филијалите на големите компании од ЕУ и САД, тамо, може да влијаат преку нашата убедувачка моќ кон управите, во таа насока кон поместување на истите во македонската економија?Нашата економија мора да се подготви за новото глобално преструктурирање за периодот кој доаѓа. Во таа насока, треба да се размислува за тоа, како да се привлече нов капитал од надвор во бизнис секторот. Сега е шансата за нови фабрики во ТИРЗ-овите па и надвор од нив. Тука е онаа „nearshoring (приближување) опција“ на ЕУ, каде најсилните европски економии сакаат да ги снабдуваат своите добавувачи и главни компании со клучни производи, но да бидат блиску до ЕУ. Тука е нашата голема можност и можноста за бизнис секторот.
Дополнително на ова, македонските макроекономски показатели, на почетокот и крајот од година, која изминува, ги одбележаа следниве состојби:
Прво, ние како макроекономија, треба да сме претпазливи, но не треба да сме загрижени. Зошто?
На почетокот од 2022 година, монетраната економија обележа стабилно ниво на девизни резерви од околу 3,5 милијарди евра, кое се одржува во континуитет 10-тина години наназад. Денес, на крајот од годинава (податокот е за крајот ноември) тоа изнесува повеќе од 3,8 милијарди евра. Значи, сме ја зголемиле силата како држава, ако може така да се искажам, за околу 300 милиони евра.
Второ, имаме одобрено специјални права за влечење од ММФ во одличен износ (161 милион евра) за заштита на девизната ликвидност, а со тоа и денарот. Имено, тој е стабилен.
Трето, банките ни се стабилни. Иако побавен, годинава, добивката на домашниот банкарски систем и натаму бележи раст. Стапките на „ROA“(поврат на просечната актива) е нешто над 1,7 отсто, додека пак „ROE“ (повратот на просечниот капитал и резервите) забележаа достигнаа нивоа од нешто помалку од 14 отсто. Тоа е повеќе од 2021 и 2020 година.
Четврто, имаме безбедносно обезбедена територија како членка на НАТО.
Ваквите варијабли влеваат надеж и се доволен показател дека иако следниот период ќе биде на еден начин искушение, сепак, народот и македонската држава ќе го совладаат.
Спротивно на ова, негативно за домашната економија е тоа што таа е недоволно еластична за промени, згора на тоа има поединци со ниска продуктивност. Така, ако политичките елити си зададат цел, нејзино брзо преструктурирање, тоа ќе биде тешко. Оттука, би подвлекол - брзо, тоа, нема никако да оди; а ние мора да одиме со брзи чекори, пополека напред.
P.S.
Како што еднаш го цитирав, Мартин Лутер Кинг Јуниор, кој ќе рече „Но, некако знам дека само тогаш кога е доволно темно можете да ги видите ѕвездите.“; така, и јас ги гледам ѕвездите и верувам во тезата, за која пишувам, веќе две и пол години во „Фактор“. Таа е: смелоста на надежта за современ македонизам. Така, овие години, местото за писанија го пополнував со текстови, највеќе наменети да поттикнат промена, да поттикнат НАДЕЖ. Како велат: „За да постигнеме големи нешта, не треба само да дејствуваме, туку и да сонуваме. Не треба само да планираме, туку и да веруваме.“ Имено, за тоа да се случи, најпрвин, сите ние треба да се свртиме кон себеси. Така, за милиметар ќе почнеме да го менуваме системот на подобро. Во овој контекст, често си ги поставувам ова прашање: Што со политиката како главен креатор на системот?
За ова, сретнав една мудра мисла од Џорџ Нејтан, кој вели: „Лошите политичари се избрани од добрите граѓани кои не излегуваат на избори.“ На ова, Кин Хабарт би рекол: „Сите би сакале да гласаме за најдобриот човек, но тој никогаш не е кандидат.“ Оттука, сум на мисла дека најдобриот политичар, за нас, ќе биде оној кој ќе се изгради систем, добар, а базиран врз принципите на германската филозофија. Ова, добро е срочено, нели? Но, тука недостасува нешто. Имено, за таков систем да се изгради овде, на просторов наш македонски, треба да живеат Германци (читај: поединци со германски карактерни особини).
Среќна нова година!
проф. д-р Синиша Наумоски,
Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје
