Економија, финансии, бизнис

Контакт

AKO СЕКОЈ ДЕН ОДВОИМЕ ПО 15 МИНУТИ ЗА УЧЕЊЕ НОВИ ВЕШТИНИ: Ова може да помогне за напредок во кариерата

AKO СЕКОЈ ДЕН ОДВОИМЕ ПО 15 МИНУТИ ЗА УЧЕЊЕ НОВИ ВЕШТИНИ: Ова може да помогне за напредок во кариерата

Се смета дека ако секој ден одвојуваме барем по 15 минути за учење на нови вештини, во иднина тоа ќе ни помогне за кариерниот развој. Но, во процесот важно е да се биде истраен, поединецот секој ден да учи нешто ново, да гледа туторијали или кратки онлајн курсеви. Стекнатото знаење во иднина ќе донесе бенефит. На ваков начин луѓето можат да изучуваат странски јазик, да ги надградуваат компјутерските вештини, да се едуцираат во областа на графички дизајн и слично. Ако секој ден лицето учи макар по 3 странски збора, по една година ќе знае над 1.000 странски зборови, нешто што значително ќе го подобри нивото на комуникација.

„Тоа многу помага, секако дека ако луѓето посветат по 15 минути секој ден да учат странски јазик, ќе го збогатат речникот. Тоа е многу корисно. Може да учат од Јутјуб или на телевизија да гледаат серии на странски јазик секој ден. Ќе научат многу работи за една година ако го применуваат тоа правило“, вели професор по германски и англиски јазик.

За овој метод на учење да даде ефект, потребна е доследност и да нема откажување. Професор кој дава часови по турски јазик вели дека е добро 15 минути дневно луѓето да учат нови зборови, но и граматиката да не се запоставува за по една година да можат да формираат реченици и да комуницираат на турски јазик.

„Може да се одвои половина час секој ден за учење јазик, во тој случај како и за секоја друга вештина би имало ефект,  зависно до кој степен е стигнато лицето кога ќе почне да учи, но подобрување ќе има. Упорноста, доследноста, дисциплината се клучни  општо за животот. Треба човек да почне и да се придржува до тоа за да има успех долгорочно“, објаснува Наташа Неделковска, професорка по англиски јазик.

Освен јазици, луѓето можат да совладуваат и компјутерски вештини, нешто што денес е неопходно за успех на пазарот на трудот.

„Дефинитивно по неколку месеци или година ќе има ефекти, видливи. За повозрасните ученици до 17 години, најпопуларно е веб програмирањето, каде што прават веб страници или мали апликации“, рече Горан Петровски, професор по информатика.

Воедно, анализите кои се правени во странство ги советуваат оние кои патуваат до работа, времето додека се во автобус да го искористат за учење на некоја  нова вештина. Новите знаења ќе ја зголемат самодовербата на работникот, но и ќе ја подобрат неговата благосостојба во иднина. Идеи за тоа што да учат, луѓето можат да побараат во огласите за вработување каде се наведени вештините кои работодавачите ги бараат.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести