АКО САКАТЕ ДА БИДЕТЕ ДИРЕКТОР НА ДРЖАВЕН ИНСПЕКТОРАТ, ПОБРЗАЈТЕ, РОКОТ Е 15 НОЕМВРИ - еве за кои места е распишан владиниот оглас
Владата преку оглас бара дури четворица директори на државни инспекторати во земјава. Сака да ги именува новите први луѓе на прв човек на Државниот инспекторат за техничка инспекција, Државниот инспекторатза шумарство и ловство, Државниот инспекторат за труд, и државниот инспекторат за локална самоуправа.
За изборот на нови директори на овие четири државни институции се распишани огласи кои се објавени на владината веб страница.
Како што стои во јавниот повик, за директор на Државниот инспекторат за техничка инспекција може да бидe именуванo лицe кое ги исполнува следните услови – да е државјанин на земјава, во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, да има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование, да има минимум шест години работно искуство, како и да поседува меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години, но и потврда за активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење. За ова место се бараат и дополнителни критериуми кои се наведени на владината веб страница.
Како што напишале од Владата за огласот, коефициентот за пресметување на плата е утврден согласно Одлуката за утврдување на коефициенти за пресметување на платата на функционерите именувани од неа.
Овие огласи се објавени пред неколку дена, а финалниот рок за пријавување на потенцијалните кандидати истекува на 15 ноември.
Државниот инспекторат за техничка инспекција е орган во состав на Министерството за економија со својство на правно лице, со своја буџетска сметка како буџетски корисник од прва линија и самостоен орган за вршење на инспекциски надзор од технички аспект. Со оваа институција, како што стои на нејзината веб страница, раководи Блерим Укаили.
За изборот на директорот на Државниот инспекторатза шумарство и ловство, пак, е наведено дека Владата ќе го именува со мандат од четири години.
За него, за разлика од претходникот, ќе се бара да има минимум пет години работно искуство, а треба да има сертификати за англиски и комјутерско работење.
Државниот инспекторат за шумарство и ловство, како орган во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ги врши работите во врска со инспекцискиот надзор над примената на законските прописи и подзаконските акти од Законот за шумите, Законот за ловството, Законот за репродуктивен материјал од шумски видови дрвја, Законот за заштита на растенијата од болести и штетници и други законски прописи кои се тесно поврзани со оваа проблематика.
Во моментов директор на таа институција е Фикри Алити, како што стои на нејзината веб страница.
Еден од побитните инспекторати, оној за труд, исто така ќе биде пополнет. Според огласот, неговото работно искуство треба да биде шест години, а другите услови се исти како и за останатите кандидати.
„Ние се
бориме против сивата економија.Таа го
кочи развојот на државата, го спречува развојот на економијата.Се бориме против
нелојалната конкуренција.
Таа не дозволува бизнисот да оди напред, им наштетува на совесните работодавци
кои се грижат за своите вработени.Се бориме за правата на работниците.Секој работник има право на здравствено и
пензиско осигурување и сигурна иднина. Ние се грижиме тоа и да го добијат.Ние
се бориме бизнисот да оди напред“,
стои на веб страницата на Државниот инспекторат за труд во описот на нејзината
работа.
Во моментов директорка на ДИТ е Весна Томовска, која дојде на местото на Јована Тренчевска, откако таа замина на позицијата министерка за труд и социјална политика.
Оглас Владата распишала и за именување директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, кој на тоа место ќе седи четири години. Покрај другите услови, неговото досегашно работно искуство треба да биде пет години. Државниот инспекторат за локалната самоуправа е орган при Министерството за локална самоуправа. Овој орган е формиран за да врши контрола на работата на општините
Директор на тој инспекторат во моментов е Африм Ќоку.
На огласите имаат право да се пријават сите заинтересирани кандидати што ги исполнуваат условите, а тоа можат да го сторат и сегашните први луѓе на инспекторатите.
Н.Н.Ф.
